Македонија
ЗНМ и ССНМ: Потребно е целосно расветлување на сомнежите за прислушување новинари
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) со сериозна загриженост ги следат информациите поврзани со можни случаи на незаконско следење новинари и медиумски работници во периодот 2019 – 2024 година за што јавноста беше информирана неодамна преку брифинг за новинари од страна на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Дополнително, премиерот, како и директорот на АНБ, вчера јавно упатија повик до Јавното обвинителство да реагира и да го расчисти случајот за овие наводи.
„Сметаме дека секое незаконско следење на комуникации може да претставува сериозна закана за слободата на медиумите и за правото на јавноста да биде информирана. Воедно, потсетуваме дека и новата регулатива на Европскиот парламент, Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), јасно забранува какво било незаконско следење новинари и предвидува обврска на државите членки и на земјите кандидати да обезбедат ефективна заштита од вакви практики“, велат од ЗНМ и ССНМ.
Според нив, ваквите случаи, доколку се основани, оставаат чувство на несигурност меѓу новинарите и ја нарушуваат довербата во институциите. Од тие причини ги повикваа надлежните органи да постапуваат итно и исклучиво врз основа на закон со цел да овозможат целосна транспарентност и отчетност во интерес на јавноста.
„Очекуваме Обвинителството и судството да постапат одговорно и без одлагање, со цел да ја заштитат слободата на медиумите и да обезбедат правна сигурност за сите новинари и медиумски работници во земјата. Истовремено, бараме од политичките партии и носителите на високи јавни функции да се воздржат од изјави и меѓусебни пресметки во кои користат новинарски имиња бидејќи со тоа може да ја продлабочат поларизацијата во општеството и да поттикнат говор на омраза насочен кон новинарите“, се наведува во соопштението.
Во него потсетуваат дека скандалот со масовното незаконско прислушување од 2015 година, кога беше објавено дека биле нелегално следени комуникациите на илјадници граѓани, меѓу кои и на голем број новинари, сè уште нема добиено соодветна судска разрешница и покрај напорите на еснафските новинарски здруженија.
„Речиси десет години подоцна, некои од постапките се одолжуваат или завршуваат без правосилни пресуди, а новинарите што беа директно погодени сè уште ја чекаат правдата. Ова уште еднаш ја потврдува потребата институциите да дејствуваат итно, независно и без политички влијанија. ЗНМ и ССНМ остануваат подготвени да обезбедат правна помош и поддршка за сите евентуално оштетени новинари или оние чии права биле прекршени. За развојот на овој случај ќе биде информирана и Европската федерација на новинарите (EFJ), каде што двете организации се полноправни членки“, велат од ЗНМ и ССНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

