Македонија
ЗНМ: Медиумските реформи да се вратат во планот 18
Здружението на новинарите на Македонија реагира на одлуката на Владата да ги избрише медиумските реформи од планот за приоритетни реформи 18. Оттаму велат дека е апсолутно неприфатливо објаснувањето на Владата дека медиумските реформи ги нема во реформскиот план затоа што измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги поминале владина процедура. Усвојувањето на законот за АВМУ во Собранието е заедничка обврска на Владата и на парламентарното мнозинство, оценува ЗНМ.
„Ја потсетуваме Владата дека нејзината политичка волја да се бори против политиката на неказнивост на насилството врз новинарите не е остварена. Од 59 напади на новинари во изминатите пет години, само во два случаја напаѓачите се казнети, а другите се неистражени или половично истражени.
Неискрено е што Владата се обидува да ги злоупотреби заклучоците на Советот на Европската комисија за изоставување на медиумските реформи од планот 18. Самата ЕУ нѐ информира дека заклучоците на Советот во никој случај не значат дека медиумските реформи не се битни за нивната одлука за започнување преговори за членство со Македонија в година“, се наведува во соопштението на ЗНМ.
Од Здружението на новинарите бараат од Владата да ги врати медиумските реформи во планот 18 и сериозно да се посвети на, како што велат, ветувањата дадени на новинарската заедница и на Советот на Европа за корекција на Изборниот законик, кој летоска беше изменет и дополнет без дебата и нетранспарентно.
„Потсетуваме дека давањето можност со јавни пари да се финансира политичка пропаганда на партиите во медиуми за време на изборна кампања значи продолжување на политиката на владино рекламирање од претходниот режим во поинаква амбалажа. Таа мерка ќе ги одржи клиентелистичките врски меѓу партиите и сопствениците на медиумите и ги замолчува медиумите.
Законската можност Државната изборна комисија да го следи начинот на известување на онлајн-медиумите за време на изборна кампања е апсолутно неприменлива и во спротивност со европските стандарди, кое може да има сериозни последици врз слободата на медиумите“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По јавниот притисок, на прославата на плоштад нема да има огномет, велат од „Зелен хуман град“
Благодарение на институционалниот притисок вршен внатре во Советот на Град Скопје од страна на нашиот советник, Марјан Калевски, како и вонинституционалниот притисок вршен со нашите јавни реакции и секако, најважното, ангажираноста на нашите сограѓани со испраќање мејлови до надлежните институции и давање поддршка за нашата иницијатива на социјалните мрежи, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека оваа година на прославата огномет нема да има, објави „Зелен хуман град“.
„Потегот на градоначалникот го сметаме за позитивен, но истовремено сметаме дека не смее една ваква клучна материја да е нечие дискреционо право. Денес овој градоначалник донел позитивна одлука, утре некој друг нема да донесе таква. А останува фактот дека огнометите и пиротехниката на хартија се дозволени со поседување лиценци и обезбедување стручни лица кои ќе ракуваат со неа. Оттука, инсистираме оваа високоризична материја да се нормира и законски да се забрани експлицитно и на отворен и на затворен простор“, велат од граѓанската ијцијатива.
Пд таму потсетуваат и на нивното барање што побрзо Собранието да усвои законски измени и да забрани огномет и каква било пиротехника и на затворено и на отворено.
„Скопската централна новогодишна прослава без огномет претставува мал но значаен чекор кон подобрување на квалитетот на животот на најранливите групи граѓани во Скопје, намалување на преголемото загадување на воздухот, како и на сите медиуми на животна средина и, се разбира, етички чекор кон тоа безгласните жители на Скопје, животните, да не доживуваат енормен стрес и потенцијална смрт за 3 минути „забава“. Секако ова не ги спречува бројните несовесни граѓани кои новогодишните празници ги доживуваат како погоден момент на своја рака да испалуваат огномет и разни пиротехнички средства и поради ова апелираме и очекуваме Министерството за внатрешни работи да е на висина на задачата, особено на дочекот на Новата година“, велат од „Зелен хуман град“.
Македонија
Стојаноски: СДСМ ја напуштија седницата кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти
Лицемерието на СДС излезе на виделина, ја напуштија собраниската седница кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Откако устата им беше полна со наводни мигранти, кој ене ги чекале на граница, само што не дошле и што уште не излажаа, денес кога требаше да се дискутира во Собранието на таа непостоечка тема која тие ја отворија, тие го напуштија Собранието. Не само што избегаа од темата, како маче од куче, туку и фамозната Резолуција која ја предлагаа во јавноста и устата пена им фати од говорење дека била најдобрата, ја немаат ниту поднесено во Собрание“, рече Стојаноски.
Тој кажа дека Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ која е поднесена и е на дневен ред, денес ќе биде изгласана и со тоа ќе ја затвориме измислената тема од страна на СДС за наводни мигранти во Македонија.
Македонија
СДСМ: Владата на Мицкоски го враќа паралелниот увоз на лекови како во времето на Груевски
Свиркачи од Министерството за здравство информираат дека Владата на Христијан Мицкоски го враќа паралелниот увоз на лекови со сомнителен квалитет, кој беше укинат во времето на СДСМ, велат од опозициската партија.
„Еве како планира владата на Мицкоски да го направи тоа, со измена на член од Закон за до членство на ЕУ да може да тераат паралелен увоз. Не сакаат во ЕУ заради пари, тргуваат и со здравјето на луѓето. Информациите за намерите на власта ги потврдуваат и некои здруженија но и многу пациенти кои стравуваат од лекови со крајно лош квалитет опасни по здравјето. Токму преку паралелниот увоз на лекови власта на ДПМНЕ и Никола Груевски ги правеше најголемите криминали на штета на здравјето на граѓаните“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека во 2016 бил откриен скандал дека во државава биле внесени фалсификувани лекови и тоа дел од нив биле откриени на Клиниката за онкологија каде се лекуваат пациенти болни од рак.
„Затоа СДСМ го забрани. Но, криминалот за ДПМНЕ е поважен од здравјето на граѓаните. Оттука се овие обиди на власта да го врати паралелниот увоз на лекови. Само заради бизниси со тендери. За пари. Ова се случува во време на корупциски скандали и обиди на власта да дефокусира од темите со мигрантите и недостатокот на пари. На мала врата буктаат вакви сериозни и големи работи. СДСМ ги поддржи сите акции кои ќе значат спречување на овој обид на власта да го врати паралелниот увоз и да ги загрози животот на пациените за пари“, наведува СДСМ.

