Македонија
ЗНМ: Нападната екипа на „Алсат М“ кај пожарот во Визбегово, едно лице уапсено

Здружението на новинарите на Македонија најостро го осудува денешниот физички напад врз новинарската екипа на телевизијата „Алсат М“, која известуваше за големиот пожар на дивата депонија во Визбегово.
„Според информациите од колегите, новинарот Авни Тахири и снимателот Шенол Хајредини од екипата биле физички нападнати од лице сопственик на отпадот за кој се смета дека го предизвикал пожарот. Напаѓачот насилно му го одзел мобилниот телефон на новинарот Тахири и го фрлил во огнот, а снимателот Шенол Хајредини бил исто така нападнат и му била скршена камерата. Лицето е уапсено од страна на Министерството за внатрешни работи, а случајот е пријавен во МВР“, велат од ЗНМ.
Велат дека се во комуникација со контакт-точките во МВР и ОЈО за заштита на новинарите и медиумските работници.
„Потсетуваме дека со последните измени во Кривичниот законик секој напад врз новинари при извршување на нивната професионална задача е сериозно кривично дело за кое се предвидени законски казни. Очекуваме од институциите брза и ефикасна истрага, со соодветна санкција за напаѓачот“, велат од ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
55 ветерници ќе обезбедуваат струја за 100.000 домаќинства – започна изградбата на ветерниот парк кај Штип

Со поставување камен темелник денеска стартуваше изградбата на ветерен парк во близина на Штип, каде „Алканзар енерџи партнерс“, со инвестиција од 500 милони долари ќе изгради 55 ветерници кои ќе произведуваат струја за 100 илјади домаќинства.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го означи почетокот на изградбата.
„После нешто повеќе од една година, тоа што го ветивме, денеска добива завршница – завршница на првата фаза“, изјави Мицкоски на настанот.
Инвестицијата беше најавена вториот ден по изборот на Владата, а Мицкоски ја нарече „драјвер и модел како треба да се движиме понатаму“ во секторот на обновливи извори на енергија.
Премиерот нагласи дека минатата година била рекордна по странски директни инвестиции, достигнувајќи 1,255 милијарди евра. Како индикатори за економски напредок тој ги наведе растот на извозот на земјоделски производи за 57%, зголемување на бројот на туристи за 22% и индустриски раст од 9,4% во мај.
„Не може да имате силна економија без враќање на довербата кај инвеститорите. А довербата се враќа преку дисциплина и борба против криминал и корупција“, рече Мицкоски.
Тој се заблагодари на сите институции, општини и универзитетски кадар вклучени во проектот, нарекувајќи го ветерниот парк „целосно македонски производ – од проектирање до изведба“.
„Да ни е аирлија и да ни се множат уште многу вакви инвестиции“, порача премиерот на крајот од обраќањето.
Македонија
(Видео) Марков: Ваучери од 250 евра за 55 илјади студенти за електронски уреди

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Марков, денеска најави дека 55 илјади студенти ќе добијат ваучери од 250 евра (15.300 денари) за набавка на лаптоп или таблет.
Средствата, во вкупен износ од 850 милиони денари, ќе бидат обезбедени од државниот буџет.
Марков изјави дека целта е да се намали дигиталната нееднаквост и да се инвестира во образованието. Ваучерите ќе бидат наменети за студентите до 29 години, а ќе се користат од следната учебна година. Средствата нема да се враќаат.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Додека Арсовска мисли дека се занимава со висока политика и им слугува на ДУИ и СДС, половина Скопје нема вода

Додека Данела Арсовска мисли дека се занимава со висока политика и им слугува на ДУИ и СДС, половина Скопје нема вода. Додека Арсовска не може да стане од скутот на ДУИ и СДС, ЈП „Водовод“ праќа соопштенија дека граѓаните треба да пијат помалку вода затоа што е лето и, најверојатно, сите пијат повеќе, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Жално е, додаваат од оваа партија, до кое дереџе Данела Арсовска го донесе градот.
„Веруваме дека на Арсовска ѝ е удобно во прегратките на ДУИ и СДС, каде што треба да одработува секакви работи, само не она што ѝ е работа, но доколку 4 години се занимаваше со водоводната мрежа и со нејзино обновување, не само што ќе немаше проблем со притисокот туку немаше да ги има и големите загуби што ги има сега.