Македонија
ЗНМ: Нема простор за стигматизација на новинарите, тие со својата работа се изложуваат на ризик

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поттикнато, од, како што велат, некои неодговорни објави, пред сè, на социјалните мрежи, апелира да не се стигматизираат новинарите и медиумските работници кои се заразени со коронавирус или за кои постои сомнеж дека се носители на вирусот.
„Потсетуваме дека говорот на омраза и повиците за насилство се казниви дела, без разлика дали тие се присутни на традиционалните медиуми или на социјалните мрежи“, се наведува во соопштението на ЗНМ.
Оттаму предупредуваат дека поради природата на професијата, новинарите се повеќе изложени на контакти со луѓе, а тоа ги прави и да бидат повеќе ранливи за зараза со коронавирусот.
„Од апсолутна важност за нивната лична безбедност и безбедноста на лицата со кои се во контакт е да се обезбедат услови и средства за работа од страна на сопствениците и менаџерите на медиумите преку кои ќе се намали ризикот на зараза“, нагласуваат од новинарското здружение.
Во врска со информацијата дека уредникот на националната телевизија „Канал 5“, Гоце Михајлоски, е позитивен на коронавирусот, од ЗНМ на колегата му посакуваат брзо закрепнување и набргу да се врати на своето работно место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Корупцијата во Министерството за животна средина се продлабочува, каква е улогата на шефот на кабинетот на Меџити“, прашува ДУИ

„ДУИ повторно го осудува тешкиот корупциски скандал во Министерството за животна средина, каде што по контролата на Државниот управен инспекторат е потврдено злоупотребата на службената должност од страна на министерот Изет Меџити и неговиот кабинет“, велат од ДУИ.
„Но, прашањето што останува без одговор е: Каква е улогата на шефот на кабинетот на Меџити во овој скандал?
Доверливи извори од Министерството за животна средина потврдуваат дека шефот на кабинетот на Меџити бил клучна фигура во шемата на уцени и мито, вршејќи притисок врз компании и граѓани за секоја административна услуга.
Од лиценци и еколошки дозволи до обични бирократски постапки, ништо не поминувало без негово одобрение и без коруптивните шеми водени од кабинетот на Меџити.
Истите овие луѓе биле вклучени во слични корупциски шеми и во Општина Чаир, претворајќи ја во урбанистички кошмар за граѓаните.
ДУИ бара истражните органи да ги прошират истрагите не само против Меџити, туку и против клучните личности во неговиот кабинет, вклучително и шефот на неговиот кабинет, кој со месеци води добро организиран систем на уцени и корупција во Министерството за животна средина.
Оваа Влада секојдневно тоне во скандали, докажувајќи ја својата неспособност и отворена корупција.
ДУИ ќе продолжи да ги разобличува сите случаи на злоупотреба на власта и да бара одговорност од сите што ја изневеруваат довербата на граѓаните“, соопшти ДУИ.
Македонија
Ја удирал по главата и телото со боксови и тупаници, па ја силувал: предложен притвор за 37-годишен скопјанец

Поради основано сомнение за сторено кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 37-годишен скопјанец.
Осомничениот, на 21 февруари, насилно извршил обљуба врз жена во автомобилот сопственост на неговиот татко, принудувајќи ја на сексуален однос против нејзина волја и согласност. Жртвата за цело време се спротивставувала на неговите допири, но тој ја удирал по главата и телото со боксови и тупаници, како и со нога по лицето, по што таа започнала силно да крвари. На крај, насилно ја принудил и на сексуален однос, иако жртвата неуспешно се обидувала да се оттргне и да избега.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
„Мицкоски ги потврди списоците за вработување на Меџити, ДКСК итно да реагира“, бара СДСМ

„Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека секој можел да прави списоци за вработување е јасна потврда дека списоци за робусно вдомување на 3.000 партиски војници постојат“, велат од СДСМ.
„Се потврдуваат намерите со скандалозната најава на Меџити за историски најголема партизацијата на јавната администрација.
Очигледно има веќе подготвени списоци со имиња на „подобните“ партиски кадри, кои треба да се вдомат во јавниот сектор. Прашањето е смее ли Мицкоски да побара одговорност од Меџити? Или дилот им е заеднички, пред локалните избори да има робусно полнење на администрацијата со партиски послушници?
Овој огромен, робусен скандал со најголема партизација на институциите мора да биде целосно расчистен.
ДКСК мора веднаш да отвори предмет по оваа изјава на Меџити. Сите моментални вработувања во администрацијата да бидат стопирани и да се обезбеди целосна истрага за овој скандал“, бара СДСМ.