Македонија
ЗНМ: Непримерно е претседателот на СДСМ Ковачевски, да дава етички оценки за работата на МТВ
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на денешната изјава на поранешниот премиер Димитар Ковачевски и претседател на СДСМ.
„Изразуваме сериозна загриженост за ваквите изјави кои можат да се толкуваат како влијание и политички притисок врз медиумската слобода и уредувачката независност во предизборен период посебно на јавниот сервис.
Ваквите изјави од лидери на политички партии кои отвораат прашања за објективноста и непристрасноста во медиумското известување на МРТ, прават штета на имиџот на јавниот сервис но и на демократските принципи и правото на граѓаните да бидат информирани точно и непристрасно“, се истакнува во реакцијата.
Потсетуваат дека Законот кој ја регулира работата на МТВ во членот 111, укажува дека јавниот сервис обезбедува непристрасни, сеопфатни и важни информации и истите треба да ги презентираат јасно, недвосмислено и на начин на кој граѓаните ќе имаат можност слободно да го формираат своето мислење. Дополнително, велат од ЗНМ, овие информации не застапуваат или фаворизираат ставови или интереси на одредена политичка партија, здружение, личен интерес, религија или идеологија и во програмите еднакво да го уважуваат мислењето и уверувањето на другите медиумски услуги.
„Доколку политичарите имаат дилеми или несогласувања со начинот на известување на јавниот сервис или било кој друг медиум, наместо да споделуваат лични непримерни квалификации, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулаторни тела и тоа до: Советот на честа при ЗНМ како и до Советот за етика во медиумите на Македонија и на тој начин тие да помогнат во детектирање на медиумите кои отстапуваат од новинарските стандарди.
Вистинската улога на медиумите е да служат како стожер на демократијата, пренесувајќи проверени информации без влијание од политички интереси, и секој обид за поткопување на медиумскиот интегритет е за осуда“, се потенцира во реакциата на ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

