Македонија
ЗНМ: Не смее да се повтори грешката со платените кампањи во приватните медиуми
Деновиве, во Собранието циркулира проблематичен предлог за измена на медиумските закони преку кој се брише активната забрана за владино рекламирање во приватните медиуми и истовремено се предвидуваат огромни суми за радиодифузерите од буџетот на граѓаните и тоа не само на централно туку и на локално ниво.
За разлика од владејачките политички партии, ставот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) повеќе години наназад е принципиелен кога станува збор за платени кампањи со средства од граѓаните во приватните медиуми.
„Укажуваме дека не смее да се повтори враќањето на државните пари во приватните медиуми бидејќи веќе е докажано дека оваа практика катастрофално ќе се одрази како врз новинарството така и врз медиумскиот пазар. Со повторувањето на оваа грешка Македонија се враќа десетина години назад кога на сличен начин медиумите директно се поткупуваа и се нарушуваше уредувачката и новинарската независност. Предупредуваме дека со вакви решенија ќе му се нанесе директна, трајна и непоправлива штета на целиот медиумски сектор. Затоа, потребно е забраната за рекламирање во медиумите да остане законска обврска и таа да се почитува од сите единици на централната, локалната власт, како и од јавните претпријатија“, се истакнува во соопштението од ЗНМ.
Aнонимниот предлог за измена и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги (ЗААМУ), кој моментно е даден на разгледување на пратеничките групи, е изработен, како што додаваат од таму, во дискреција од политичките партии, без спроведени консултации и вклученост на релевантни еснафски, новинарски и медиумски организации и без никаква јавна дебата.
„Обидот за протуркување и наметнување вакви лоши закони на нетранспарентен и неинклузивен начин говори дека Владата и политичките партии немаат искрени намери да креираат решенија со кои ќе се гарантираат независноста на медиумите и слободата на изразување“, посочуваaт од ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 12 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Стопанска Комора на Р.С. Македонија на улицата „Димитрие Чуповски“ и улицата „Даме Груев“ и сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Адвокатите на Заев вршеле притисок, предметот „Пуч“ останал неотворен во СЈО
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наместо како независнa институција, функционирало како партиски штаб на СДСМ, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста, повикувајќи се на изјави од поранешната обвинителка Лејла Кадриу.
Според Кадриу, четворица адвокати на Зоран Заев во времето на СЈО вршеле притисок врз обвинители за предметот „Пуч“.
„Во СЈО дошле 4 адвокати на Зоран Заев, да ги убедуваат обвинителите да се пуштат лица од притвор за предметот „Пуч“. Биле убедувани да дадат позитивно мислење за да може предметот да се преземе од ОЈО ГОКК, за да може предметот да биде работен од СЈО“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што се наведува, предметот потоа бил донесен во СЈО, спакуван во кутии и фолија, и доделен на обвинителките Ленче Ристоска и Лиле Стефановска, но не бил процесуиран.
„Предметот бил оставен да фаќа прашина, а обвинителките не оделе на рочиште, што според обвинителката Кадриу, тој предмет и денес ако се најде, се уште би бил со заштитна фолија, ниту отворен, ниту разгледан. Кадриу тврди дека предметот бил префрлан и чуван без суштинска постапка, што отвора сомнежи за неговото реално процесирање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Кадриу посочува и дека најмалку уште два предмети, меѓу кои случаите поврзани со Гордана Јанкуловска и Нешковски, биле политички мотивирани и користени за постигнување одредени политички цели, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство да ги истражи наводите темелно и непристрасно, со цел, како што наведуваат, да се утврди вистината и евентуалната одговорност.
Македонија
СДСМ: Владата сака авион за Мицкоски, но не и 600 евра минимална плата
СДСМ обвини дека Владата ги игнорира барањата за покачување на минималната плата на 600 евра, додека истовремено најавува набавка на нов владин авион.
„Додека над 200.000 работници едвај врзуваат крај со крај, а вредноста на синдикалната кошница одамна надмина 66 илјади денари, Владата одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра“, се наведува во партиското соопштение.
Според СДСМ, пратениците од коалицијата ВМРО-ЗНАМ го блокираат предлог-законот за зголемување на минималната плата и поддршка на компаниите, поднесен од оваа партија. Партијата оценува дека со тоа директно се ускратува финансиска помош за работниците и стопанството.
„Владата сака да купи нов авион за Мицкоски, за нови туристички патувања, како она во Давос“, стои во соопштението, во кое се наведуваат и споредби со луксузите од времето на Никола Груевски, како и со, како што велат, личниот луксуз на актуелниот премиер.
СДСМ истакнува дека ќе продолжи да се бори за „економска правда и враќање на достоинството на граѓаните“.

