Македонија
ЗНМ: Новинарите од 27 април втор пат жртви, овој пат од судот
Оваа недела Основниот граѓански суд во Скопје донесе пресуди со кои се одбиваат тужбените барање на новинарката Наташа Стојановска и Душица Мрѓа, кои бараа повреда на нивните права и штета од државата за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Северна Македонија. ЗНМ најавува дека за пресудата, која е на штета на новинарите и на слободата на изразување, ќе ги извести сите релевантни меѓународни организации.
„Оваа пресуда е пропуштена можност да се заштитат правата на новинарите и претставува уште еден доказ дека постојат двојни стандарди за судот кога се во прашање политичари и новинари. Потсетуваме дека во случајот со групата политичари Основното јавно обвинителство по службена должност поведе постапки и Кривичниот суд осуди со затворски казни група граѓани, а во случајот на новинарите самите беа оставени да поднесуваат приватни тужби“, велат до ЗНМ.
Според ЗНМ, „образложението на судот во пресудите е дека новинарките не доставиле докази од кои може да се утврди дека на 27 април 2017 година се случиле јавни демонстрации пред Собранието, иако во тужбата уредно се доставени видеозаписи од случувањата пред Собранието, а критичниот ден стотици објави беа и се присутни во медиумите. Фактот што судот не признава повреда на правото на слободата на изразување и бара од новинарите да докажат општо познати факти дека имало упад во Собранието од страна на лица што јавно демонстрирале на 27 април 2017 година е тенденциозен и претставува преседан во контекст на овој случај“.
„Исто така, небулозно е тврдењето на судот дека новинарите немале право да бараат надомест на нематеријална штета за претрпени душевни болки и наведува дека двете немале телесни повреди. Скандалозен е фактот што судот не признава дека душевната болка, стравот и траумата што биле доживеани од страна на присутните новинари е проблематично и притоа се имплицира дека тужителите немале телесни повреди. Потсетуваме дека судската власт има обврска да ги штити правата на новинарите бидејќи со тоа го штити и правото на граѓаните да бидат информирани“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење, соопштуваат од Авто-мото Сојуз на Македонија. Дополнуваат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Појава на магла и намалена видливост до 100 метри има на планинските премини Ѓавато и Стража.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
-Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, велат од АМСМ.
Потсетуваат дека од 15 ноември 2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Од АМСМ информираат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сезонски режим на сообраќај има на патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица каде што од од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
Македонија
Тошковски вели дека Безбеден град не познава имиња, функции или позиции, туку евидентира прекршок
Овој систем го развиваме со единствена цел за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди, повредите и загубените човечки животи, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Фејсбук објава, информирајќи дека денеска бил на терен, на локација, каде што се спроведува финалната верификација на камерите за автоматска детекција на сообраќајни прекршоци како дел од проектот „Безбеден град“.
Тој нагласи дека во оваа фаза се врши проверка на точноста на мерењето на брзината, при што утврдените отстапувања се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира сигурност и доверливост на системот.
Во првата фаза, додава Тошковски, камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, а во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата територија на државата. Паралелно, вели министерот, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, особено на т.н. црни точки.
-Овој систем не гледа кој сте, туку што сте направиле. Тој не познава имиња, функции или позиции туку евидентира исклучиво прекршок. Законот важи еднакво за сите и само на тој начин ќе постигнеме поголема сообраќајна дисциплина и повеќе спасени човечки животи, нагласи Тошковски.
Македонија
Од ноќеска обилни дождови
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има врнежи од дожд, што наместа ќе бидат пообилни – над 30 литри на квадратен метар, проследени со ретки грмежи. На планините, врнежите ќе бидат од снег, информираа денеска од Управата за хидрометеоролошки работи.
– Во вторник претпладне сè уште во источните делови ќе има слаби врнежи од дожд во пониските и дожд и снег на повисоките места и на планините. Попладне времето ќе се стабилизира, а во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег, соопштија од УХМР.
За во Скопје, најавено е утре, почнувајќи од утринските часови, да има повремени врнежи од дожд, што попладне и во текот на ноќта ќе бидат пообилни. Се очекува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

