Македонија
ЗНМ: Срамна одлука на Апелацискиот суд Скопје на штета на истражувачкото новинарство
Советот на Апелацискиот суд Скопје, составен од судиите Гордана Ѓорчева, претседател на Советот, Суад Алиу и Влатко Самарџиски, членови на советот, донесе срамна одлука на штета на слободното новинарство против колегите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), реагираат од Здружението на новинарите на Македонија.
Овој суд, додаваат од таму, ја укинува пресудата на Основниот граѓански суд Скопје во корист на новинарите и повторно го враќа на судење предметот во кој поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев ги тужи Сашка Цветковска и ИРЛ.
Ваквиот вид одлуки на судиите од Апелацискиот суд Скопје и генерално ваквата лоша судска пракса, според ЗНМ, негативно се одразува на слободата на изразување и поттикнува самоцензура, особено ако се земе предвид дека тужбата е приватна, тужителот е економски моќник, а во претходниот владин состав и заменик на претседателот на Владата.
„Важно е да се истакне дека ваков вид тужби служат да се предизвика заплашување и потенцијално финансиско исцрпување на тужените новинари. Укажуваме дека вообичаено целта на овој вид тужби не е да се заштити личниот углед, туку да се малтретираат тужените со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика. Овој вид тужби се познати како стратешки тужби за спречување јавно учество (SLAPP) и за нив Советот на Европа креира препораки до членките држави како тие да се превенираат зошто може да го нарушат правото на информирање на граѓаните.
Дополнителен проблем во врска со овој случај е вчерашниот груб обид за јавна дискредитација од страна на Секторот за односи со јавноста и за маркетинг на „Феро инвест“ ДОО Скопје, кој во соопштение до медиумите сподели свое толкување за овој судски случај. Тие во објавата, која беше пренесена од страна на неколку медиуми, се ставаат во улога на суд, прејудицираат идна судска одлука и служејќи се со навреди кон колешката Цветковска, велат дека таа „ја злоупотреби својата положба на новинар, што е тешка повреда на Законот за медиумите и на основните новинарски начела“.
На овој начин може да се протолкува дека „Феро инвест“ прави дополнителен притисок врз Основниот граѓански суд, кој повторно треба да постапува по приватната тужба на Анѓушев кон новинари и, второ, се прави обид да се влијае на јавноста во полза на тужителот на штета на слободата на изразување“, се истакнува во соопштението од ЗНМ.
Потсетуваат дека ИРЛ за оваа сторија ја доби првата награда на тема „Справување со загадувањето на воздухот – зајакнување на јавната свест за проблемите и можните решенија“ во избор на Здружението на новинарите на Македонија, а во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). „Освен ова, Советот на честа при ЗНМ на 23 мај 2021 година ја одби претставката на Анѓушев за наводно прекршување на Кодексот на етиката на новинарите и констатира дека со оваа сторија биле обезбедени информации и докази достапни за авторите на истражувачката сторија, со што не е прекршен членот 1, а со објавување на демантот и со понудата да се сними изјава на Анѓушев нема прекршување ни на членот 3 од Кодексот на новинарите на Македонија“.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) за ова решение на Апелацискиот суд Скопје ќе ја извести Европската федерација на новинарите (ЕФН), каде што се членки, и ќе укаже дека станува збор за притисок преку судот на слободното новинарство. Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) исто така за случајот ќе ја извести Мрежата на независни совети за медиумите во Европа (AIPCE), каде што СЕММ е членка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

