Македонија
ЗНМ: Осуда за непримерната комуникација кон новинари од страна на струшката Општина
Во текот на вчерашниот ден Општина Струга на својата официјална фејсбук-страница објави соопштение во кое на недоличен начин преку сериозни обвинувања се обиде да ги дискредитира медиумите во Охрид.
„За жал, мора да истакнеме дека најголемиот дел од проблемите и тешкотиите што настанаа и сè уште постојат во Охридскиот Регион произлегува од Општина Охрид и нејзините раководители, кои постојано, под патерицата на од нив платени медиуми, организации и лобисти, ја напаѓаат нашата Општина за секаков аспект, во секое време и место, без никакви аргументи“, пишува во дел од соопштението.
Постапките на Општината, велат од ЗНМ, како јавна институција, се чини дека се обид за дискриминација на медиумите и замолчување на локалните новинари преку цензура.
Дополнителен проблем, како што се наведува, е фактот што во соопштението се инсинуира дека медиумите се платени од страна на охридската Општина.
ЗНМ потсетува дека службениците за својата работа одговараат пред граѓаните, така што секој обид за замолчување на новинарите внесува недоверба кон институцијата и влијае на нејзината транспарентност бидејќи медиумите и новинарите се каналот за комуникација со јавноста.
Ако кој било граѓанин, велат од ЗНМ, јавна институција и слично, има некаков проблем со објава од кој било медиум, постојат законски механизми за заштита, како што е барање на исправка или демант.
Освен ова, на располагање се и медиумските саморегулативни механизми преку Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).
Овој инцидент ќе биде нотиран во годишните извештаи за слобода на изразување како негативен пример за погрешна комуникација на јавни институции со новинари и медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за отпочнување на преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на Коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека Коалицијата оствари успешен и историски резултат кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за отпочнување на преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот разговорите треба да се водат на основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.
Македонија
Лукаревска: СДСМ секогаш бил достоинствен заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и одговорноста, јас не сакам да бидам исклучок
Изборните резултати ја искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака, напиша на социјалните мрежи, потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, откако неколку членови и партиски функционери во СДСМ претходно си поднесоа оставки.
СДСМ, додава таа, секогаш бил достоинствен и заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
„Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од „заробената“ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние кои не излегоа на гласање, како и на оние кои гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот Конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија како и за нашата немост за успешните политики кои ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ на кого државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė и над сė. Така било. Така мора и да остане“, порача во напишаното Лукаревска.
Оценува дека на Македонија и е потребен СДСМ.
„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“, додава Лукаревска.
Македонија
Трет состанок на политички директори во рамките на претседавањето со ПСЈИЕ
Денеска, во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија се одржа третиот состанок на политички директори на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), на кој присуствуваа и претставници на Советот за регионална соработка (СРС) и на Европската Унија.
На состанокот беа разгледани кандидатурите за избор на генерален секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) и предлог-текстот на Заедничката декларација во пресрет на министерскиот состанок, што ќе се одржи во рамките на нашето претседавање со ПСЈИЕ.
Северна Македонија со ПСЈИЕ претседава во периодот јули 2023 – јуни 2024 година со мотото „Премостување поделби, градење доверба“.