Македонија
Зоран Заев ја депонираше оставката од премиерската функција до Собранието
Зоран Заев и официјално ја поднесе оставката од функцијата премиер на Влада во законодавниот дом.
Во текстот на оставката која досегашниот претседател на Владата ја испрати до претседателот на Собранието и до пратениците, како што соопштија владините служби, Заев ја образложува одлуката за неговата постапка.
„Со ова мое писмо ве известувам дека поднесувам оставка од функцијата претседател на Владата на Република Северна Македонија. Оваа моја одлука ја презедов како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати. Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, поради политиките во кои верувам, поради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евро-атлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата“, пишува Заев во писменото образложение.
„Со мојата оставка со која ја преземам одговорноста сакам да оставам пример за да се препознаваат доблесните одлуки кога тоа е неопходно и со тоа да дадам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на народот, но исто така и на идните лидери за да бидат свесни за својата граѓанска должност кога ја преземаат грижата за својата земја. Затоа што демократијата значи и одговорност. Ова го направив и за да може да продолжи да се развива нашата западно-европска идеја и прогресивниот концепт во земјата да си создаде услови за сопствено освежување и зајакнување, а со тоа да не се дозволи да биде поразен на национално ниво – за да можат токму тие современи демократски сили да опстојат и да продолжат да се борат за напредокот на Северна Македонија – во име на слободата, демократијата, различностите, добрососедството, НАТО и за полесно и побрзо да ги почнеме преговорите со ЕУ“, има напишано Заев.
Потенцира дека е горд што изминатите години имал поддршка од сите етнички заедници.
„Во сите предизвици има периоди на мир меѓу две битки, денови кога ентузијазмот ослабнува, кога се соочуваме со неисполнување на тоа што се очекува и што е договорено. Но, едно е сигурно дека никогаш нема да има денови, ниту ситуации, кога тие моменти биле причина да се откажеме од остварувањето на нашата голема цел што си ја поставивме со сите наши граѓани само пред четири години. За време на моите мандати како премиер, донесовме историски одлуки поради кои Северна Македонија наместо како „поранешна република“, без свое трајно и суверено потврдено место во друштвото на народите, го доби тоа што ѝ припаѓа според нејзиното достоинство и историски заслуги. Тие одлуки овозможија Македонците и македонскиот јазик да бидат потврдени од целиот свет, а овој пат и од нашиот сосед и пријател, Република Грција. Сметам дека со тоа обезбедивме траен мир, безбедност, сигурност и трасиран пат за економска добросостојба на народот“, вели Заев во напишаното.
„Времето ќе покаже дека оваа моја одлука е во согласност со мојата определба да бидам политичар кој презема одговорност за да бидат донесени тешки, но историски важни одлуки за добрата и сигурна иднина на нашиот народ и на државата, без притоа грижата за личниот политички рејтинг да ја ставам пред државните интереси“, додава Заев.
Инаку, со констатирањето на оставката на Заев во оставка ќе биде целиот негов кабинет, а потоа шефот на државата, во рок од десет дена, треба да одреди нов мандатар кој би составил нова влада и програма во период од 20 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.
Македонија
Хоџа-Дрекслер: Поддршката на Германија за енергетската транзиција и Зелената агенда на Балканот е клучен столб за модерен, декарбонизиран и отпорен енергетски систем
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска на работна средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, изрази искрена благодарност за континуираната и силна поддршка на Германија во спроведувањето на Зелената агенда на Западен Балкан.
Хоџа истакна дека, во време на сериозни глобални предизвици, особено енергетската криза и климатските промени, оваа поддршка е клучен столб за заштита на ранливите категории на население, стабилизација на енергетскиот сектор и забрзување на транзицијата кон модерен, декарбонизиран и отпорен енергетски систем, во корист на граѓаните на Западен Балкан и Европа.
Тој истакна дека ги поздравува напорите на Германија за поддржување на енергетската транзиција во регионот, преку тесна соработка со Европската комисија и европските финансиски институции, со цел зајакнување на инвестициите во чиста и одржлива енергија.
Македонија
Љутков: Руралниот туризам приоритет на Министерството за култура и туризам
Во пресрет на Саемот за рурален туризам, кој ќе се одржи на 31 јануари и 1 февруари во Центарот „Јавна соба“ во Скопје, министерот за култура и туризам Зоран Љутков се обрати на денешната прес-конференција што се одржа по тој повод.
Во своето обраќање, министерот истакна дека руралниот туризам ќе биде еден од стратегиските приоритети на Министерството, при што вакви настани ќе бидат сè почести во текот на 2026 година, а уште поинтензивни во 2027 и 2028 година.
„Преку проектот Е-75, активно работиме на развој на транзитниот туризам. Нашата цел е просечниот престој на туристите долж оваа траса, кој во 2026 година изнесува околу 24 часа, до 2028 година да достигне најмалку 72 часа“, изјави Љутков.
За 2026 година, Министерството за култура и туризам предвидува 36 милиони денари за програмски активности, како и дополнителни 150 милиони денари за субвенции во туризмот. Како што нагласи министерот, овие средства ќе се зголемуваат секоја година, имајќи предвид дека секој вложен денар во туризмот носи четирикратен економски поврат.
Љутков посочи дека руралните домаќинства и малите производители претставуваат клучен двигател на локалниот економски развој и дека токму во нив ќе се инвестира континуирано и стратешки, особено по спојувањето на ресорите култура и туризам.
На Саемот, претстојниов викенд, ќе учествуваат околу 50 излагачи од целата земја, а се реализира во организација на Министерството за култура и туризам, во партнерство со Амбасадата на Словенија, Швајцарската амбасада преку програмата ИМЕ, Земјоделскиот институт и Центарот „Јавна соба“.
Министерот Љутков упати благодарност до сите партнери и информираше дека на Саемот ќе присуствуваат и туристички агенции за дојдовен туризам, со цел остварување директни средби и можност за склучување договори со руралните домаќинства. За посетителите ќе бидат обезбедени и ваучери за попуст за да се поттикне поголема посетеност од домашната публика.
„Ги поканувам граѓаните да дојдат, да ги запознаат автентичните вредности на Македонија, да вкусат локални деликатеси и да ги доживеат руралните убавини на Македонија“, порача министерот Љутков на крајот од денешната прес-конференција.

