Македонија
Зошто повторно се случува хаос во ЈСП, вината е во неспособноста на Данела Арсовска и нејзината коалиција со СДС, ДУИ и Левицата, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Коалицијата на Данела Арсовска, СДС, ДУИ и Левица во Град Скопје се директно одговорни за хаосот во ЈСП. Тие пред само еден месец лажеа, драматично го обвинуваа ВМРО-ДПМНЕ дека е одговорен за тоа што во Скопје нема градски превоз поради доцнење на платите. Но вистината излезе на виделина после помалку од еден месец. И овој месец повторно доцни исплатата на плата во законскиот рок во ова јавно претпријатие иако Советот изгласа субвенции, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Вината е во нивната и неспособноста на Данела Арсовска. Тие заедно со менаџерскиот тим во ЈСП, иако добија 700 милиони денари или 11 милиони евра пред дваесетина дена, повторно доцнат со исплатата на плата во претпријатието во законски определениот рок, а причината никој не ја знае.
Срамно и бедно. Уште се свежи сликите на Данела Арсовска како на 22 јануари прикажуваше лажен триумфализам и велеше дека се обезбедени пари за плати „за цела година да не му ја мислиме“ мафтајќи во занес со рачето. Зошто платите не се исплаќаат навремено?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Данела и нејзините коалициски партнери, како што додаваат, безмилосно ги манипулираа скопјани, возачите и нивните семејства за ситен поен.
„Уште кога на вонредната седница се изгласаа 11 милиони евра субвенции на ЈСП, ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека претпријатието е бунар без дно поради лошото менаџирање. Тогаш баравме извештај и увид каде и како се трошат народните пари? И тогаш предупредувавме дека после само неколку месеци пак ќе дојдат Данела и менаџерите да бараат пари за плати во ЈСП. По се изгледа нашите предвидувања ќе се остварат многу побрзо“, се истакнува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според оваа партија, СДС, Левица ДУИ и Данела Арсовска треба да излезат и да дадат одговори, зошто повторно се случува хаос во ЈСП?
„Манипулациите и лагите им се распрснаа како меур од сапуница во лице. Неспособни се и криминогени, и тоа е нивниот лепак што им ја врзува коалицијата“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) „Правната држава е погребана, куќниот притвор за Груби е печат на дилот ВМРО–ДУИ“, вели Димитријевиќ
„Правната држава е целосно погребана. Дилот меѓу ВМРО-ОКГ и ДУИ се реализира пред очите на јавноста. После театарот на граница, со договорено враќање и режирано снимање, каде го видовме како Груби доаѓа насмеан, со наочари, следуваше продолжение со куќен притвор. Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено“, вели Алескандар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
„Затоа обвинителството и судството беа ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ, за што СДСМ со месеци говори.
Го сменија јавниот обвинител, избраа судии и обвинители под нивна контрола. Сопруга на екс градоначалник на ВМРО назначија за член на Судскиот совет, советник на Мицкоски во Уставниот суд, в.д. обвинителка избраа на поранешен заменик-министер на ВМРО.
За в.д. претседателка на Кривичен ја назначија Даниела Димовска. Синоќа видовме зошто. За да бидат алка во рацете на власта, инструмент за реализација на политичките одлуки на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
Како одлуката за куќен притвор, каде одговорноста е кај обвинителството и судството. Иако еднаш избегал, вчера обвинителството побарало поблага мерка од претходно веќе одредената мерка притвор.
Замислете, еднаш избегал, а сега Обвинителството бара замена на мерката притвор со мерка куќен притвор. Кој е предметен обвинител за овој случај? Даниел Коцев. А негов шеф? Обвинителот Анел Фидоски.
Тој беше избран на оваа функција на 20 јануари 2026 година како одговорен на најголемото обвинителство во државата, значи пред 1 месец. На кого веќе ова сценарио не му е јасно? Два месеци говориме за ова. Очигледно доаѓањето на Груби временски било темпирано.
Прво преземање целосна контрола врз обвинителството со нова раководна поставеност, па потоа реализација на дилот меѓу ВМРО и ДУИ. Дополнително, видовме дека и целиот затворски систем е капитулиран пред политичките договори.
„Не можело да му се гарантира безбедност“, па го пуштија дома.
Ниту еден час не помина во Шутка. Нема ниту една камера за 5 тони дрога, а има камери за Груби на граница.
Камерите „случајно“ не работеа ниту кога Груби излезе од државата, слободно, пешки, со пасош, иако бил на „стоп“ листата. Ама за враќањето на Груби камери има – од граница, од пречек, до
Обвинителството и Судот. И веднаш медиумите под контрола на Орбан, спремни, во иста минута сите со кампања. Целосно режирано, само овој пат лоша реализација. Како Катица што ја пуштија 3 години порано за да им помага како елемент во кампањата за враќање на Груевски.
Цела банда ја собираат. Главниот и одговорен уредник за жолт печат, Христијан Мицкоски, сега е уредник на циркус со кој се погребува правото и правната држава.
Сè е јасно, сè е договорено, смислено сценарио. Дил. Само уште да видиме што ќе добие ДУИ за возврат од ВМРО-ОКГ. Можеби им поминуваше со години, но повеќе не – граѓаните не се наивни ниту слепи. Граѓаните конечно гледаат сè и знаат“, изјави Алескандар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
Македонија
Нормализиран сообраќајот по одронот на патот Катланово – Велес
Од 10:30 часот одронот на патниот правец А1 Катланово – Велес е исчистен, сообраќајот е нормализиран и се одвива по две коловозни ленти, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Обвинителството за куќниот притвор на Груби: Се водиме исклучиво од законските основи
Јавното обвинителство како единствен и самостоен орган, при одлучувањето и предлагањето на мерките за обезбедување во сите случаи се води исклучиво од законските основи, велат од ЈОРМ.
„Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа.
Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка.
За обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За него беше спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид.
Надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со законските надлежности. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет, но апелира за воздржаност на коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

