Македонија
Ивановска: Ковачевски треба да покаже кој го платил патувањето на неговите деца во Вашингтон
Претседателката на антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, рече дека премиерот Димитар Ковачевски треба да покаже кој го платил патувањето на неговите деца во Вашингтон.
„Значи треба да покаже кој го платил патувањето бидејќи вака остава лош впечаток, лоша перцепција се создава дека ако е таткото некој функционер, може цела фамилија да оди. Не е единствен случај, за жал, таа перцепција треба да се промени, но тоа ќе се промени со фактичка состојба. Нека оди, нека патува, но нека покаже кој тоа го покрива“, рече Ивановска во одговор на новинарски прашања.
На колегиум ќе биде донесена одлука дали ќе биде отворен предмет за овој случај.
Одлука за тоа дали ќе отворат предмет за овој случај, како што рече, ќе донесат денеска на колегиум и ќе известат.
Ковачевски минатата недела беше прашан дали на неговото патување во САД го понел и синот и дали тоа било на сметка на државата, при што одговори дека таквите патувања никогаш не биле на сметка на буџетот на државата.
Моето патување во САД, рече премиерот, беше исклучително важно и успешно. На патувањата, како што додаде, понекогаш е придружуван од својата сопруга доколку тоа го налага протоколот. И ниедно приватно патување на членови на неговото семејство, како што појасни, никогаш не било на сметка на државниот буџет.
На прашањето дали ќе ги покаже сметките за тоа како е платено нивното патување, Ковачевски додаде:
„Моите деца патуваат исто како и другите деца. И доколку е потребно, јас за секое нивно патување или кога посетуваат роднини или, на пример, мојот син, игра фудбал и често оди во странство, доколку треба да ѝ доставам на јавноста сметки, тоа ќе го правам, но сметам дека е непотребно, со оглед дека како и сите други граѓани во државата секој има право да патува“, истакна премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грчкиот мистер: Договорот од Преспа е текст со огромни проблеми, лага е дека сум учествувал во изготвувањето
Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, негираше дека тој или неговата правна канцеларија го подготвиле или учествувале во изготвувањето на Договорот од Преспа,.
Од говорницата во Собранието тој изрази несогласување со Договорот од Преспа, велејќи се работи за правен текст со огромни проблеми што се појавуваат со текот на времето, пренесуваат грчките медиуми.
„Јас не само што немав учествувано во договорот, туку дополнително не можев да имам никакво учество од едноставна причина што суштински не се согласувам со Договорот од Преспа кој е правен текст со огромни проблеми што се појавуваат со текот на времето“, нагласи министерот за надворешни работи.
Герапетритис сепак додаде дека Договорот со сите проблеми, претставува меѓународно право кое мора да го почитуваат бидејќи согласно Уставот е над секоја друга законска одредба.
Ја пофали грчката дипломатија која издејствувала брза реакција на европските институции по инаугирацијата на Гордана Силјановска Давкова, која на свеченоста го употрби името Македонија.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.