Македонија
Иванов во Австралија: Работев за заштита на македонските национални интереси
По покана на Македонската добротворна организација (MCWA) и клубот „Сиднеј Македонија“, поранешниот македонски претседател, Ѓорге Иванов, беше покровител и присуствуваше на неколку настани од добротворен и хуманитарен карактер, кои се одржаа изминатата недела во Австралија, каде што оствари средби и со македонската дијаспора.
На трите гала-вечери одржани во Мелбурн, Сиднеј и Волонгог, Иванов упати апел до македонската дијаспора за обединување и единство на сите Македонци во дијаспората, како и за поддршка и помош на повозрасните лица од македонската заедница што живеат во Австралија.
„Грижата за постарите лица е грижа и за сите што ќе дојдеме во таа доба, но и за тоа што тие ни го оставаат како наследство на нашите генерации, како што се мудроста и искуството стекнато со годините“, посочи Иванов.
За актуелните случувања во Македонија, Иванов нагласи дека ја следи нивната загриженост во однос на ова порачувајќи им дека сме издржале многу тешки периоди, така што и ова ќе помине и ќе дојдат подобри времиња.
Во тој контекст посочи дека во неговите 10 години како претседател останал на свечената заклетва и ги почитувал Уставот и законите на Република Македонија.
„Работев за заштита на македонските национални интереси и направив сè што е во моја надлежност и што дозволуваше оваа функција за нивна одбрана. Би сакал да порачам и дека секој треба да ја почитува волјата на народот, која беше искажана и на последниот неуспешен референдум во 2018 година. Тоа дава право да може да бидат во важност одлуките донесени на референдумот од 1991 година, каде што граѓаните се изјаснија за независна и суверена Република Македонија“, нагласи Иванов додавајќи дека ова останува основа некоја следна генерација да се избори за враќање на она што насилно ни беше одземено.
Организаторите на овие настани му изразија благодарност на поранешниот македонски претседател за тоа што прифатил да биде покровител на настани од ваков хуманитарен карактер и како и за тоа што во текот на својот мандат постојано ги штител македонскиот национален идентитет, македонската култура и традиција.
За време на посетата во Мелбурн, Иванов го посети и училиштето финансирано од австралиската влада, а во кое наставата се одвива на македонски и на англиски јазик. Имаше можност да разговара со наставниците и со учениците и да им честита за оваа инзворедна мисија која придонесува за зачувување и негување на македонскиот јазик.
Исто така, поранешниот претседател Иванов го посети седиштето на Македонската добротворна организација, како и пензионерите што ги користат нивните услуги и имаше можност да разговара со секој од нив.
Иванов во Сиднеј со своето семејство ја посети болницата „Сент Џорџ“, каде што раководството и докторите им се заблагодарија на неговиот личен придонес, како и придонесот на сопругата Маја Иванова за помошта во обезбедувањето на средствата со кои се купени ПЕТ-скенерот и скенерот за рано дијагностицирање рак на дојката.
Иванов присуствуваше и на свечен прием што во негова чест беше организиран од страна на актуелниот и на поранешниот градоначалник на општината Бејсајд (поранешна Рокдејл), Џои Авада, и Бил Саравиловски.
Иванов имаше можност да се сретне и со претставници на политички партии на федерално и на локално ниво, кои ги застапуваат интересите на македонската заедница во Австралија.
Тој оствари и повеќе средби со преставници на македонската бизнис и академска заедница.
Посетата на Иванов на Австралија заврши на 1 март со средба со Македонците во Сиднеј на настан организиран од страна на фудбалскиот клуб „Сиднеј Македонија“ на стадионот „Бансктаун“.
Поранешниот претседател на крајот на својата посета им се заблагодари на домаќините за прекрасниот и срдечен пречек и уште еднаш им порача дека секој нивен глас е битен и ако е обединет, ќе стигне во Македонија и ќе мора да биде слушнат.
„Да го сочуваме заветот на предците и нашите револуционери, да ги чуваме македонската држава, македонскиот идентитет и јазик, македонската култура и традиција. Бидете обединети и единствени, бидете што поуспешни за да биде и Македонија што поуспешна“, заврши Иванов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Власта да покаже конструктивност заради работниците, да го поддржи Законот за 600 евра плата
Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека цените растат, синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, власта продолжува да се луксузира со авион, мебел, нови возила, кабинети и удобност за функционерите, велат од СДСМ.
„Ова е срамно и безобразно. Работниците се приморани да протестираат на улиците за поголеми плати, за достоинствен живот. Бараат минимална плата од 600 евра за да можат да ги прехранат своите семејства и да платат сметки. Законот на СДСМ за 600 евра минимална плата е на дневен ред во Собранието. Еве шанса власта да биде конструктивна, заради работниците. Дадовме предлог со конкретно решение, поддржете го. Пари има. Со ребаланс на буџетот, наместо авион, наместо мебел, нови коли, луксузни кабинети, патувања, репрезентации, тендери може да се пренаменат за 600 евра минимална плата. Доста е луксуз на власта, време е парите да се насочат кон работниците“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски и Мицкоски на увид во градежните активности на булеварот „Македонија“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ со кој главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
Ѓорѓиевски вели дека работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде продолжува кон следната фаза. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, објави градоначалникот на Скопје.
Во наредните фази, додава тој, е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.

