Македонија
Иванов им додели Медал за заслуги за Македонија на тројца лингвисти и македонисти
Претседателот Ѓорге Иванов денеска им додели Медал за заслуги за Македонија на истакнатите научни работници лингвисти и македонисти – Коста Пеев, Стојан Лекоски и Олга Панкина.
Пензионираниот професор по дијалектологија на македонскиот јазик на Филолошкиот факултет, Коста Пеев, е одликуван со Медал за заслуги за Македонија за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување, со што даде значаен придонес за зачувувањето на дијалектите на македонскиот јазик и неговата поширока афирмација.
Стојан Лекоски, книжевен преведувач и библиограф, кој живее во Словачка, е одликуван со Медал за заслуги за Македонија за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Република Словачка, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Словачка.
Олга Панкина, македонистка и преведувачка од Русија, е одликувана со Медал за заслуги за Македонија за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Руската Федерација, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација.
„Овие медали за заслуги за Македонија се израз на нашата благодарност кон Коста Пеев, Стојан Лекоски и Олга Панкина за сето она што го направија за македонскиот јазик. Како претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани и македонскиот народ, најискрено ви благодарам. Чувањето и творењето на македонски јазик е обврска кон минатото и влог во иднината. Чувари на тој јазик и тоа наследство се сите слависти и македонисти“, рече претседателот Иванов на церемонијата на доделување на медалите.
„Секој од нас длабоко во својата душа го носи својот манастир. Во манастирот свети кандилцето на св. Климент. Искрено, искрено посакувам пламенчето од кандилцето на св. Климент никогаш да не згасне. На сите натаму нека ни го осветлува патот за создавање нови дела, нови камчиња во мозаикот на нашата македонска култура“, рече Стојан Лекоски, кој се обрати и во име на одликуваните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

