Македонија
Иванов и Буриќ разговараа за унапредување на регионалната соработка
Претседателот Ѓорге Иванов денеска имаше средба со Марија Пејчиновиќ-Буриќ, заменик-претседател на владата и министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска. Двајцата соговорници констатираа дека двете земји имаат пријателски односи со висок степен на меѓусебна доверба и заеднички заложби за унапредување на регионалната соработка, мир и стабилност во регионот. На средбата беа разменети мислења за натамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји, како и за актуелните состојби во однос на исполнување на стратешките цели на земјава за членство во ЕУ и НАТО.
Иванов се заблагодари за отворената поддршка од Хрватска за евроинтеграцискиот процес на земјава и оцени дека новата стратегија за проширување на Европската комисија е позитивен сигнал за преземање одлучувачки чекори за Република Македонија и определување датум за почеток на преговори за членство на Советот на ЕУ во јуни. Иванов се заблагодари за конструктивниот став на Хрватска дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евро-атлантскиот пат.
Македонскиот претседател посочи дека двете земји треба да се фокусираат на проекти од значење за економскиот развој и изрази очекување дека успешната и континуирана соработка во одбраната, како и соработката за справување со мигрантската криза, ќе продолжат и во иднина.
Во насока на интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво претседателот Иванов изрази задоволство од претстојната официјална посета на хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ на Република Македонија и нејзиното учество на состанокот на лидерите на процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи на 28 април во Скопје. Процесот Брдо-Бриони, потенцира претседателот Иванов, е конкретна потврда за посветеноста на Хрватска кон јакнење на регионалната соработка и поддршката на евро-атлантските интеграции за земјите од регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓаните може да го видат работењето на Уставниот суд одблизу секој прв четврток во месецот
Уставниот суд на Македонија, по повод 62-годишнината од првата седница одржана на 15 февруари 1964 година, ги повикува граѓаните на редовни средби со претседателот Дарко Костадиновски, кои ќе се одржуваат секој прв четврток во месецот.
Прес-службата на Уставниот денеска соопшти дека целта на средбите е да се приближи работењето на овој суд до граѓаните, да се подигне свеста за уставно загарантираните права и да се објасни начинот на правилно поднесување на поднесоци.
Посочуваат дека средбите претставуваат можност граѓаните одблизу да се запознаат со надлежностите, постапките и значењето на одлуките на Уставниот суд во заштита на правата и слободите.
За учество, заинтересираните можат да се пријават на електронската адреса [email protected], а за дополнителни прашања на располагање е и телефонскиот број +389 2 322 3626, се наведува во соопштението.
Македонија
Измени на Законот за електронски комуникации за укинување на трошоците за роаминг
Со измени на Законот за електронски комуникации, што се поставени за расправа на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) државава ги пренесува во домашното законодавство потребните европски регулативи со што ќе може да се приклучи кон иницијативата „Роаминг како дома“ на Европската Унија. Со тоа ќе им се овозможи на граѓаните и бизнисите да користат мобилни услуги во земјите на ЕУ без дополнителни роаминг трошоци, како да се дома.
За законските измени чиј носител е Министерството за дигитална трансформација, на ЕНЕР може да се достават коментари уште четири дена.
Со законот треба да се воспостават јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите со што, стои во нацрт врзијата, ќе се овозможи зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање и механизми за спречување на неочекувано високи трошоци и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации. Целта е да се овозможи укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, зголемена правна сигурност и предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски минатиот месец во телевизико интервју рече дека мораме да си ги завршиме нашите домашни обврски до февруари и оти останатото ќе биде лобирање и договор на ниво Македонија-ЕУ и Западен Балкан-ЕУ.
Покрај пренесувањето на четири регулативи во Законот за електронски комуникации преку измената што е во нацрт верзија до јули годинава треба да се донесат и подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации.
Државава е дел од Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан (ЗБ) од 1 јуни 2021 година. Граѓаните имаат можност да користат мобилни комуникациски услуги во земјите од ЗБ под исти услови како и во домашните мрежи, без дополнителни трошоци за роаминг. И покрај овој напредок на регионално ниво, роамингот со земјите членки на ЕУ сè уште не е целосно регулиран согласно европските стандарди.
Европската комисија на Лидерскиот самит со земјите од Западен Балкан за Планот за раст одржан на 30 јуни и 1 јули 2025 година формално извести дека ќе започне постапка за изнаоѓање правно решение со кое ќе се овозможи земјите од регионот да пристапат кон инцијативата за „Роаминг како дома“.
Во август 2025 година Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Иницијативата на Европската комисија за укинување на роаминг трошоците со земјите од Европската Унија, како дел од Планот за раст на Европската Унија за земјите од Западен Балкан, со Акциски план за усогласување со европското законодавство за роаминг и прилози. Согласно акцискиот план се задолжи Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Агенцијата за електронските комуникации да го спроведе Акцискиот план во кој е утврдено дека најдоцна до 22 декември 2025 година да се изработи и до Владата да се достави детална анализа на правната празнина (GAP analysis) меѓу националното законодавство и релевантните регулативи на Европската Унија, и најдоцна до април 2026 година да изработи законски/подзаконски акти врз основа на деталната анализа.
Македонија
Поради врнежи од снег воведена забрана за камиони и автобуси на патот Тетово-Попова Шапка
Поради врнежи од снег од 07:45 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси, соопшти Автомотосојузот на Македонија.
Претходно АМСМ информираше дека во 5.45 часот изутрина воведена е забрана за камиони и автобуси на патот село Лисец-Попова Шапка.
По целосниот прекин на патот Кичево – Гостивар предизвикан од одрон во 5.40 часот изутрината, екипа од Македонија пат ја исчисти едната сообраќајна лента и сообраќајот од 06.50 часот се одвива наизменично.

