Македонија
Иванов одбегнува да ги покаже службените трошоци пред јавноста, велат од Владата
И понатаму нема одговор од претседателот Ѓорге Иванов на писмото од Владата со предлог да ја прифати алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење, информираат преку соопштение од владината прес-служба.
Оттаму додаваат дека во духот на определбата за транспарентност и отчетност во работењето на државните институции Владата го повикала претседателот на државата да ги стави на увид на јавноста информациите и податоците за трошењето на парите на граѓаните.
„Во писмото испратено на 29 мај министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, го информира претседателот Иванов дека алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење им е достапна на сите избрани функционери кои се подготвени да ги стават во секој момент на увид на граѓаните информациите и податоците за трошењето на нивните пари. Во писмото Владата го информира претседателот Иванов дека преку алатката за отчетност пред граѓаните на нашата земја досега се објавени трошоците на премиерот, на министрите и на замениците на министрите, на државните секретари и на генералниот секретар на Владата“, се наведува во соопштението.
Од прес-службата на Владата додаваат дека алатката ќе започне да се применува и од страна на локалните власти, што како што велат, добива уште поголемо значење доколку се земе предвид фактот дека локалната власт е целосно независна во креирањето на своите политики.
„Затоа прифаќањето на оваа препорака говори за високата свест и на претставниците на локалната самоуправа за значењето на транспарентноста и отчетноста пред граѓаните и на ниво на единиците на локалната самоуправа“, стои во соопштението.
Во него се додава дека иако сите овие информации биле наведени во писмото до Канцеларијата на претседателот на државата, заедно со понуда за асистенција за користење на алатката, ниту од Канцеларијата ниту од претседателот Иванов досега нема повратен одговор дали ја прифаќа или не можноста на отворен и транспарентен начин да им покаже на граѓаните како ги троши нивните пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

