Македонија
Иванов: Трајковски ја градеше довербата меѓу луѓето, но и меѓу државите од регионот
„Борис Трајковски се појави во време кога веќе се сметаше дека не е важно дали некој политички лидер е морален или не сè додека добро ја извршува работата. Принципите, достоинството, визијата, доблеста, вистинитоста, беа ставени на маргините на македонската политичка култура, а храброста и истрајноста станаа ретка и скапа работа“, рече претседателот Иванов во своето обраќање на одбележувањето на 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски.
Според претседателот, крвавиот распад на Југославија, бегалската криза, долгогодишната блокада на Република Македонија, економската стагнација на македонското стопанство, придонесоа кон влошени меѓуетнички односи, а сето тоа се прелеа во кобната 2001 година.
„Во такви услови Борис Трајковски презеде чекори што беа нетипични за македонската политичка култура. Го иницира дијалогот меѓу власта и опозицијата. Ја градеше довербата меѓу луѓето и заедниците, но и меѓу државите од регионот. Веруваше дека кризата во 2001 година може да се реши и со политички, а не само со воени средства. Затоа, беше покровител на процесот што доведе до Охридскиот рамковен договор. Ја преземаше одговорноста за своите чекори. Како и претседателот Глигоров пред него, така и Трајковски сакаше да ги избегне крвопролевањата“, истакна претседателот потенцирајќи дека Трајковски верувал оти лидерството вклучува подготвеност да се жртвува популарноста за да се направи она што е вистинското за иднината на нашата земја и нашиот народ.
„Во таква тензична атмосфера Трајковски беше напаѓан, критикуван и оспоруван од многумина. Неговата понизност беше презрена како знак на слабост. Неговата подготвеност да простува беше сметана за наивност. Но, тој честопати знаеше да каже дека е подготвен да ги прифати сите обвинувања и притоа да остане посветен на својата цел и уверен во нејзината исправност“, рече Иванов оценувајќи дека за повеќето луѓе во земјата пристапот на претседателот Трајковски бил вистинска енигма бидејќи малкумина ги разбирале вредностите и принципите на Трајковски.
„Ова се денови кога многу често се цитираат и толкуваат зборовите и се анализираат одлуките на Борис Трајковски. Но, верувам дека треба да бидеме внимателни бидејќи не секој што деновиве се повикува на претседателот Трајковски е верен на неговата визија. Понекогаш целта е да се оправдаат политики за кои, едноставно, нема оправдување. Но, она што никако не може да биде толкувано на разни начини е неоспорниот факт дека Борис и јавно и приватно беше препознатлив по својата насмевка. Таа насмевка беше надворешната манифестација на она од што се раководеше Борис според внатрешните принципи на своето срце“, рече Иванов.
„Минаа 15 години како Борис Трајковски не е меѓу нас. Верувам дека сите ќе се согласиме оти се чувствува неговото отсуство“, истакна претседателот оценувајќи дека оттогаш многу негови очекувања беа изневерени, многу заложби беа погрешно интерпретирани, многу изрази на добра волја беа злоупотребени. Се направија и некои непринципиелни компромиси што го доведуваат во прашање македонскиот модел на соживот и почитување на различноста за кој се залагаше Борис Трајковски.
„Времето покажа дека Борис го избрал вистинскиот пат. Сигурен сум дека времето повторно ќе покаже кој чекорел по неговите стапки за да го зачува сето она за што тој се залагаше и во што веруваше. Неговиот завет најдобро ќе го зачуваме преку суштински европски реформи, добри меѓуетнички односи и враќање на дијалогот во политиката. Преку градење европска Република Македонија, поврзана со соседите, интегрирана во Европската Унија, почитувана во светот“, рече претседателот Иванов на одбележувањето на 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

