Македонија
Иван Савидис негира дека им дал 300 000 евра на македонски политичари и навивачи
Рускиот бизнисмен Иван Савидис демантира каква било вмешаност во протестите против договорот за името во Скопје и негира дека платил 300 000 евра на македонски политичари и навивачи.
„Јасно ставаме до знаење дека бизнисменот Иван Савидис нема ништо со она што се споменува во лажниот и крајно клеветнички текст. Во следните часови, искористувајќи ги сите правни средства, ќе поднесеме тужба против медиумот, како и до авторите на оваа неоснована објава, пишува во соопштението на групацијата компании на Савидис „Димера груп“.
Вчера Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP) на својата веб-страница објави дека според документи од македонското Министерство за внатрешни работи, рускиот бизнисмен Савидис, кој живее во Грција, платил 300 000 евра на македонски политичари, членови на новоформирани националистички организации и навивачи на Вардар. Савидис беше во фокусот на светската јавност откако во март на натпревар на грчкиот шампионат незадоволен од резултатот на својот тим ПАОК влета на теренот со пиштол и им се закани на судиите. По ова, Савидис доби забрана за влегување на стадион во следните три години и доби казна од 100 000 евра. На неговиот тим ПАОК му беше одземена титулата.
Премиерот Зоран Заев во интервју за „Базфид“ рече дека проруски грчки бизнисмени им плаќале на Македонци од 13 до 21 000 долари за да предизвикаат насилни протести пред клучниот референдум за името.
Потоа, појаснувајќи ја ваквата изјава, Заев од Скопје рече дека членовите на навивачката група „Комити“ кои беа приведени во јуни за време на протестите против договорот со Грција пред Собранието, во полициска станица рекле дека руски бизнисмени давале пари и затоа тие излегле на улица.
„Тие млади момчиња од ‘Комити’ кога нападнаа полицајци беа повикани во полиција да дадат исказ, па споменуваа дека бизнисмени од Русија давале пари, дека заради тоа тие се тука, дека тие немаат ништо против или слично“, рече Заев.
Амбасадата на Русија во Скопје ги оцени ваквите изјави на Заев како политички неодговорни.
„Изјавата на Заев ја става под прашање искреноста на заложбите на Владата на Македонија за градење добри односи со Русија. Со жалење констатираме дека русофобијата сè повеќе станува алатка во надворешната, а и во внатрешната политика“, се вели во реакцијата на Амбасадата на Русија во земјата, објавена на нивниот официјален профил на „Твитер“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.

