Македонија
„Иво, зошто ме местиш“, го праша Заев сведокот во „Поткуп“
„Иво, зошто ме местиш“, го праша Зоран Заев сведокот во „Поткуп“ на денешното рочиште во кривичниот суд во Скопје. Премиерот Заев, кој е обвинет во случајот „Поткуп“, повеќе од половина час го испрашуваше во судницата сведокот Иван Николов Сачевалиев. На прашањето дали кога претходно поднел барање за легализација на цистерна му бил побаран поткуп, сведокот одговори дека за тој случај не му бил баран поткуп.
Заев рече денот кога ги објавувал бомбите во Универзалната сала, тој му се јавил на сведокот и му рекол: „Иво, како не ти е срам? Со месеци и години се обидуваш да ме наместиш? Имаш внуци и никогаш си немал ни еден проблем од мене? Зошто се обидуваш да ме наместиш?”, рече Заев за снимката во неговиот кабинет.
Сведокот на прашањето на Заев рече дека не разговарале за градежните материјали, донација за црквата. Адвокатите прашаа, а сведокот одговори дека против него била отворена истрага. На прашањето дали таа била истрага била затворена истата година кога го пријавил случајот со поткупот во МВР, сведокот не можеше точно да се сети, но рече дека најверојатно станува збор за 2011 година, а не 2013 година кога пријавил поткуп.
На продолжението на глaвната расправа за случајот „Поткуп”, во кој е обвинет Зоран Заев дека ја злоупотребил функцијата градоначалник на Струмица и барал 200.000 евра поткуп за легализирање земјиште, сведокот Иван Николов Сачевалиев одговараше и на прашањата на адвокатот на Заев, Филип Медарски. Тој на прашање на Медарски, рече дека во Управата за безбедност и контразузнавање се сретнал со Митко Чавков, кој им рекол на колегите во МВР дека сведокот е најработливиот човек во Струмица.
Сведокот додаде дека со Чавков се сретнал само уште еднаш, кога барал соработка со неговиот син Иван, кој, пак, имал градежна фирма. Но, не договориле соработка бидејќи добил друга подобра понуда. Сведокот Сачевалиев рече дека се сеќава дека потпишал два записника, а третиот го видел во судницата. Медарски му предочи три записници од сослушување кои ги дал пред Обвинителството за организиран криминал и корупција.
На тоа обвинителката Бислимовска не се противеше, па сведокот си го препозна потписот. На прашање на адвокатот Медарски зошто случајот не го пријавил во Струмица, туку во Скопје, сведокот Сачевалиев одговори дека тоа го направил зашто стравувал дека Заев како градоначалник можел да го дознае тоа и да влијае.
Кога адвокатот го праша сведокот зошто продолжил да контактира со Заев откако го пријавил случајот, Иван Николов Сачевалиев рече дека на 10 март 2015 година, Заев му се јавил последен пат утрото во 9:45 и му рекол: „Земи тој милион што го имаш да го платиш и не ти чини тоа што го правиш…И ми затвори телефон. Потоа вечерта си го чув името од Заев во Универзалната сала.Па почнаа да ме прашуваат моите за што станува збор и им реков дека сум бил во Обвинителството“.
Бизнисменот Иван Николов Сачевалиев претходно во сведочењето за случајот „Поткуп“ повтори дека во 2013 година, кога Зоран Заев беше градоначалник, знаел дека тој треба да откупи државно градежно земјиште и му се јавил за да дојде кај него за 15 минути во градоначалничкиот кабинет во Струмица. Му рекол дека може да го откупи земјиштето за 70 денари од квадратен метар, но дека ќе треба да плати плус три евра – едно евро за него, едно за СДСМ и едно евро за црквата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

