Македонија
Избрана најповолната варијанта од идејниот проект за изградба на скопскиот булевер Никола Карев
Физибили-студија и идеен проект за изградба на булеварот Никола Карев на потегот од крстосницата со булеварот Словенија до обиколницата беа презентирани денеска во просториите на Град Скопје.
На презентацијата присуствуваше и градоначалникот Шилегов, како и претставници на засегнатите стопански субјекти од индустриската зона во Визбегово, што се наоѓаат по должината на трасата, кои се вклучија во дискусијата.
Булеварот Никола Карев во овој дел е предвиден како транзитна магистрала. Во идејниот проект се нудат три варијанти за негова изведба.
Во варијантата што е оценета како најповолна за изведба поради најмалите инвестициски трошоци, времето на реализација и поради тоа што не се урива железничкиот надвозник, се предвидува булеварот Никола Карев да има 4 сообраќајни ленти (по две ленти во насока), средишно зеленило, пешачки и велосипедски патеки и осветление на должина од речиси 4 километри, како и кружен тек пред приклучувањето кон обиколницата.
При реализацијата на овој проект, по должината на предвидената траса, ќе има потреба и од експропријација на земјиштето.
„Физибилити-студијата и идејниот проект се изготвуваа врз основа на важечката планска документација – ГУП 2012 – 2022 година и важечките ДУП-ови од неколку околни општини. Тие имаат цел да ги согледаат сообраќајните и техничките можности за изведба на ова инфраструктурно решение, како и потребите на граѓаните“, информираат од Град Скопје, кој е нарачател.
Студијата и проектот се изработи од компанијата „ГЕИНГ Кребс унд Кифер“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

