Македонија
Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ветува и 5.000 денари поголеми пензии за сите пензионери уште во првата година, вели Стојаноска
На 24-ти април огромен број на гласачи испратија силна порака до актуелната, но и до идната власт. На актуелната власт и’ потпишаа решение за долгогодишен одмор, додека на идната власт и’ даваат можност да почне да ги исправа нештата, но без никаков простор за било каква грешка или пропуст, вели носителката на листа за пратеници во шестата изборна единица, Дафина Стојаноска на денешниот митинг во Јегуновце.
Таа посочи, додека актуелната власт се созема од добиениот нокдаун и најавува дека ќе почнела од нула, идната власт на ВМРО-ДПМНЕ потсетува на програмата платформа 1198 и на дел од инфраструктурните проекти за општина Јегуновце.
Проектите во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Јагуновце се следните:
– Реконструкција на патниот правец Желино – Јегуновце до 2028-ма година;
– Реконструкција на патниот правец Лешок – Шемшево до 2028-ма година;
– Реконструкција и изградба на локалниот пат Копанце – Туденце;
– Локален пат од Туденце до Сириќино, реконструкција на пат во Сириќино;
– Реконструкција на локални улици во Јегуновце;
– Доизградба на фекална канализација во Јанчиште и Подбреѓе;
– Изградба на фекална канализација во Ратае;
– Изградба на повеќенаменско спортско игралиште во Старо Село;
– Изградба на регионален пат Рогачево и
– Тампонирање на пристапни патишта во Јанчиште, Подбреѓе, Копанце, Раотинце, Туденце и Прељубиште.
Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, исто така додаде Стојаноска, ветува и 5.000 денари поголеми пензии за сите пензионери уште во првата година, спорт, градинка и учебник за секое дете, дигитален попис на населението во 2026-та, доходовна поддршка за земјоделците и уште многу други проекти кои ни ги предложија граѓаните, ни ги срочија експертите, а ни ги пресметаа и одобрија финансиерите.
Посочи дека идната власт нема да креира закони во затворени канцеларии и истите криминално да ги протнува низ Парламентот, туку ќе креира закони од и за народот, закони кои ќе бидат широко и отворено дебатирани и закони кои ќе добијат заслужен професорски експертски потпис од идната претседателка на Република Македонија, професорката Гордана Силјановска Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Подрачјето на Велес ќе биде зафатено од поројни врнежи, грмежи и засилен ветер
ЦУК информира, според известувањето на УХМР, дека подрачјето на Велес ќе биде зафатено од пообилни поројни врнежи со грмежи и засилен ветер.
Правец на движење на оваа нестабилна маса се предвидув дека е кон исток и североисток, додаваат од ЦУК.
Македонија
Министерството за животна средина отстапи движни ствари на повеќе општини, за потребите на училиштата вклучени во ГЛОБЕ програмата
Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, донесе одлука со којашто движни ствари во сопственост на министертството, се даваат на трајно на повеќе општини во државата, за потребите на повеќе основни училишта и тоа во Гевгелија, Неготино, Валандово, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Пробиштип, Ранковце, Велес, како и на училишта во скопските општини: Центар и Карпош.
Целта е спроведување на ГЛОБЕ програмата во Република Северна Македонија, а Министерството за животна средина и просторно планирање, како што е посочено, е носител на активностите на ГЛОБЕ програмата и со владина одлука е задолжено да обезбеди хемикалии и инструменти за вршење на мерењата и да ги пренесе на користење на вклучените училишта во програмата.
Станува збор за движни ствари што ќе им бидат од полза на училиштата во спроведувањето на проектот, а коишто, по пат на јавна набавка ги обезбедило ресорното министерство.
Македонија
Одлука за учество на Армијата во НАТО операцијата „КФОР“ во Косово
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за определување на бројот на кандидати кои се запишуваат на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“- Скопје, во студиската учебна 2024/2025 година, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија.
Со одлуката е определено, во студиската учебна 2024/2025 година да се запишат 44-ца студенти/питомци како редовни студенти, од кои 25-мина студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија; како и тројца студенти/питомци за потребите на Војската на Црна Гора; шестмина студенти/питомци за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина; петмина студенти за потребите на управување со кризи и петмина студенти за потребите на заштита и спасување.
Согласно Законот за Воената академија, како што е образложено од ресорното министерство, на Академијата можат да студираат и припадници на вооружените сили на странски држави и странски државјани.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе и Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово.