Македонија
Иднината на Македонија е во ЕУ, но без двојни стандарди, сè ќе сториме да ја реализираме таа цел, вели Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање во врска со извештајот на Европската комисија за напредокот на државата и во однос на преземените чекори кон евроинтеграциите, ги потенцираше специфичните условувања кон Македонија, билатерализацијата на патот кон членство во Унијата, се наврати на однесувањето на минатите влади и неколкупати прифатените условувања вон Копенхашките критериуми, но и посочи на конкретни преземени мерки во овој период наведени во извештајот на ЕК. Притоа напомена дека ваквиот однос и оценување од страна на ЕК во извештајот не треба да биде причина за евроскептицизам, ниту пак да биде модел за исполнување на сè што е ставено на маса, а притоа да се нема гаранции дека друго, освен зацртаните критериуми нема да го попречат патот.
„Не треба да имаме дилема ниеден во Собранието дека иднината на Македонија е во рамките на ЕУ. Се разбира дека пристапот до реализирање на таа цел е поинаков. Претходната влада имаше пристап дека со тоа што ќе потпишуваат и прифаќаат сè што ќе им е ставено на маса ќе им бидат простени криминалот и корупцијата и сето она што беше заштитен знак за нивната влада и дека ако стават потпис на секој од документите на маса, некој од таму на магичен начин ќе ги остави на власт и ќе продолжат сложно да ги крадат граѓаните и државата.
Заедничка цел на сите нас е да бидеме дел од ЕУ. За тоа треба да ги завршиме преговорите, но пред да ги завршиме треба да ги започнеме. Многу пати до сега високи функционери на претходната влада, почнувајќи од претходните премиери, ни ја кажуваа невистината, дека сме ги почнале преговорите, дека преговараме, дека имаат добра вест, проследени со објавувани селфи-фотографии од авиончиња, од бротчиња, од понекоја јахта од Егејското Море итн. како еве патуваме кон Европа, возот е незапирлив само што не сме стигнале, а во суштина се наоѓаме на истото место каде што бевме за жал пред 25 години. На самиот почеток. И ние сме единствениот случај, во којшто не можеме да напредуваме, затоа што имаме активна блокада, активно вето, поради билатерални прашања. Прво тоа беше спорот со нашиот јужен сосед, спорот за името на државата, па на начин на којшто сите бевме сведоци се случи таа промена. А сега е повторно нова измена на Уставот, којашто претходната Влада го суспендираше Парламентот и прифати нешто коешто не успеа да го испорача. И сега е дел од заклучоците на Европскиот совет дека ние треба тоа да го направиме, без притоа да имаме јасна гаранција и предвидливост дека и тоа да се направи, дека ние ако ги завршиме преговорите и сето тоа што треба да го завршиме, бидеме дел од ЕУ, и дека нема да има дополнителни блокади поради билатерални прашања. Влегоа во таа авантура, реков кој беше мотивот на претходната Влада“, посочи Мицкоски.
Тоа, како што додаде, не е начин на размислување на оваа влада.
„Сè ќе сториме во наша моќ за да стигнеме и да ја реализираме таа стратешка цел, но мора тоа да биде без двојни стандарди, да биде согласно Копенхашките критериуми и мора да имаме двонасочна улица. Не може улицата да биде еднонасочна, бидејќи за името на европската цел и за името на европските интеграции граѓаните на Македонија направија многу отстапки во минатото, ако тргнеме од промената на банкнотите, преку промената на знамето, потоа промената на името, Уставот неколку пати“, дециден е Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

