Македонија
Избега затвореник од „Идризово“, ранет е полицаец

Припадник на затворската полиција е ранет, а затвореник од „Идризово“ е во бегство.
Ова е резултат од грабнувањето што се случило во текот на ноќта при спровод на затвореникот со висок безбедносен ризик од затворот до болница. Затворската полиција била пресретната од неколку вооружени лица, комбето со кое се транспортирал затвореникот било застанато, имало пукање, полицаец е ранет во мочниот меур.
Затвореникот бил изваден и заедно со вооружените лица се дал во бегство.
Акцијата за бегство била планирана. На тоа укажува фактот што вооружените лица точно знаеле кога ранетиот затвореник ќе биде спроведен во болница, го знаеле возилото, а иако не е потврдено, веројатно имале и дополнителни информации, како што се бројот на полицајци што ќе го носат затвореникот на лекување и трасата на движење.
Затвореникот, неофицијално, сам си нанел рана поради која барал лекување. Непознато и нејасно е дали била повикана брза помош или тој директно бил транспортиран.
„А1он“ побара информации од Управата за извршување санкции за тоа кој бил дежурен командир во текот на смената кога се случило грабнувањето, дали е точно дека избеганиот затвореник издржува казна за убиство, како и колку полицајци го правеле спроводот. До објавување на веста, од таму нема одговор.
Од МВР најавија информации во најкус временски период.
Во интервју за „А1он“, Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување санкции, призна дека во затворите владее ендемска корупција.
Акцијата за бегство на затвореникот и кај надлежните органи го остави сомнежот дека е координирана со лица од затворот, со оглед на информациите што ги поседувале вооружените лица.
Ова е само еден од низата инциденти што се случиле изминативе месеци, а поврзан со затворскиот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Подготвена за отворање најголемата градинка во државата „Бамби“ во Чаир

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, денеска го реализираше финалниот инспекциски надзор на новоизградениот објект на детската градинка „Бамби“, која претставува составен дел на детската установа „Фидани“ и ја претставува градинката со најголем капацитет на територијата на цела држава, информираат од Општината.
„Објектот е целосно опремен со современ инвентар и модерен ентериер, во целосна согласност со највисоките стандарди за предучилишни установи. Со капацитет од 350 деца и 22 функционални занимални, овој нов институционален објект обезбедува оптимални услови за ран детски развој, безбедност и благосостојба“, се наведува во соопштението.
Од Општината најавија дека по завршувањето на градежните активности и внатрешното уредување, во наредните денови се очекува да се организира и свеченото отворање на објектот, додека паралелно ќе се финализираат и последните естетски детали кои ќе ја збогатат надворешната и внатрешната визура на градинката.
Македонија
2.500 денари еднократна помош за пензионерите со ниски примања во општина Центар

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повикува сите пензионери со ниски примања да се пријават за еднократна финансиска помош од 2.500 денари, на јавниот повик што ќе биде објавен утре, 9 јули.
Право на пријавување имаат сите кои примаат старосна, семејна, инвалидска или социјална пензија, при што месечниот износ не смее да го надминува износот од 26.157 денари, односно просечната пензија исплатена во мај 2025 година.
„И годинава не ги забораваме пензионерите. Продолжуваме со поддршка за нашите највозрасни сограѓани. Оваа мерка е знак на нашата постојана грижа и солидарност“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Со барањето потребно е да се достави копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и доказ за последната примена пензија, чек или потврда од банка за месец мај или јуни 2025 година (за старосна, семејна или инвалидска пензија). Корисниците на социјална пензија треба да достават потврда или решение од надлежниот Центар за социјална работа.
Барањето може да се подигне и поднесе во Архивата на Општина Центар, барака број 6, или да се преземе од веб-страницата на општината: www.centar.gov.mk. Документацијата се доставува секој работен ден, од 09:00 до 14:00 часот.
Повикот ќе трае до 18 јули или до исцрпување на предвидените средства, по принципот „прв дојден, прв услужен“.
За реализација на оваа мерка, Општина Центар обезбеди 5 милиони денари од буџетот за 2025 година.
Македонија
(Видео) СДСМ: Нов бран економско тонење, животниот стандард уништен

ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ја туркаат државата во економски хаос – инфлацијата вртоглаво расте, животот станува се поскап, стандардот на граѓаните од ден во ден се влошува, обвини Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ.
Според неа, Македонија се наоѓа во нов, длабок бран на економска нестабилност.
„Последните податоци за раст на инфлацијата на годишно ниво од 4,5 % се резултат на погрешните економски политики на Владата, за што ги плаќаат граѓаните. Во секој сектор статистиката бележи раст – трошоците за храна и безалкохолни пијалаци во јуни 2025 споредено со јуни 2024 се зголемиле за 6,3 %, облека и обувки за скоро 3%, за 2% на годишно ниво се зголемле трошоците за сметки, за 3,2% трошоците за здравствена заштита се зголемени и така натаму… И ова не се само бројки – тоа е директен удар врз секое семејство, секој дом, секој граѓанин. Една година беше доволна да излезе на виделина неспособноста,неодговорноста и целосната негрижа на Владата на ВМРО ДПМНЕ за граѓаните“, рече таа.
Тренчевска рече дека Македонија и понатаму е на дното во Европа по стандард и дека просечниот македонски граѓанин има само 42% од животниот стандард на ЕУ, Србија и Црна Гора се пред нас.
„Минималната плата нема да се зголеми, просечната плата стагнира, но затоа функционерските плати се зголемуваат. Владата нема пари за повисоки плати за работници, но не се откажува од луксузот на скапи патувања, милиони потрошени на ПР и кампањи, и возење со приватни авиони. СДСМ и во најголемите кризи, ковид пандемијата и енергетската криза, ги зголеми и минималната и просечната плата, со правилни мерки го заштитивме стандардот на граѓаните. Обезбедивме тројно повисока социјална помош, раст на пензиите, милијарда евра поддршка за компаниите – тоа се мерки за реална помош и грижа за граѓаните и стопанството. Цела година континуирано предупредуваме на растечкиот тренд на инфлацијата и дека се потребни конкретни мерки. Сега повторно апелираме владата да преземе итни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и да ги покачи платите на работниците“, рече Тренчевска.