Македонија
Избрани новите проекти кои ќе добијат грантови за обезбедување услуги за социјално ранливите категории во 17 општини
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска присуствуваше на презентацијата на резултатите од вториот јавен повик за развој на социјални услуги на локално ниво, што го организираше Министерството за труд и социјална политика, во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, поддржан од Светска банка.
Избраните организации ќе обезбедуваат различен вид на услуги, особено за социјално ранливите категории граѓани кои живеат на територија на 17 општини, меѓу кои во градовите: Охрид, Прилеп, Гевгелија, Струмица, Гостивар, Пробиштип, Кратово, Крушево и Крива Паланка, како и во осум помали општини: Долнени, Кривогаштани, Богданци, Босилово, Врапчиште, Пласница, Центар Жупа и Арачиново.
Социјалните услуги што ќе им бидат овозможени на жителите од овие општини се однесуваат на: помош и нега во домот, обезбедување лична асистенција, како и организација на дневни центри за престој, а со нив се очекува да бидат опфатени околу 530 корисници на кои им е неопходна помош и поддршка, како што се лица над 65 години, деца и возрасни со физичка или интелектуална попреченост, како и лица со намален функционален капацитет.
Истовремено, воспоставувањето на ваквите нови социјални услуги во споменатите општини креира можности за работно ангажирање и вработување на околу 150 лица, пред сè негуватели и останати стручни лица, кои пред да почнат со работа ќе поминат низ соодветни обуки и ќе добијат лиценци.
„Со овие нови проекти, заедно со оние од претходниот јавен повик за доделување грантови, обезбедуваме поддршка за 34 проекти преку кои се создаваат услови за развој на социјални услуги кои може да опфатат околу 1300 корисници на локално ниво во вкупно 41 општинa. Oсобено ме радува фактот што близу половина од избраните општини се рурални средини што ја потврдува заложбата за достапност на услугите и во најодалечените места од нашата земја. Еднакво важен аспект од оваа активност е што преку нејзиното спроведување се креираат и нови работи места за над 400 лица стручен персонал кој ќе ги испорачува новите социјални услуги на граѓаните. Овие бројки се силен показател за успешноста на овој Проект“, изјави Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, при денешното потпишување на договорите за доделување грантови со присутните градоначалници на општините чии проекти за социјални услуги беа избрани на вториот јавен повик.
„Самата суштина на социјалната реформа која ја почнавме во 2019 година е приближувањето на услугите до граѓаните, децентрализацијата, вложувањето во човечкиот капитал, односно поставување на граѓанинот во центарот на системот. Социјалната реформа има двојни придобивки, едниот аспект е приближување на услугите до граѓаните, а вториот аспект е отворањето на нови работни места за граѓаните кои се во социјален ризик“, потенцираше Тренчевска.
Зборувајќи во името на општините, градоначалниците на Пласница и Крушево ја поздравија поддршката што ја обезбедува државата преку ресорното министерство и Проектот за подобрување на социјалните услуги, а која им овозможува и на помалите рурални општини кои располагаат со ограничени финансиски средства, да развијат нови социјални услуги во партнерство со организации – даватели на услуги, кои ќе им се дадат на граѓаните, особено од социјално ранливите категории кои живеат во овие општини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

