Македонија
Извештајот, по сомневањата за непотребни операции на срце, ќе биде јавно достапен, но откога и нашите и странските експерти ќе го завршат

Странските експерти сѐ уште не се вклучени во анализата дали во 13 пријавени случаи имало непотребно направени операции на срце по скандалозните тврдења на кардиологот Сашко Кедев дека во земјата за пари се прават операции на срце и кај пациенти што немаат медицинска потреба. Домашниот експертски тим веќе завршил со разгледување на првите осум случаи што стигнаа во Министерството за здравство, но министерот Азир Алиу вели дека сѐ додека не заврши целиот процес, нема да објавува детали.
„Завршени се осум предмети, кои беа првично архивирани кај нас како Министерство за здравство. Имаме уште пет нови случаи, кои се работат. Нема да известиме ништо сѐ додека извештајот не е конечен, сѐ додека не завршат сите случаи. Кога ќе завршат сите анализи, и административни и клинички, тогаш тој конечен извештај ќе биде јавно достапен на веб-страницата на Министерството. Странските експерти во оваа фаза сѐ уште не се вклучени. Нема да се вклучат сѐ додека домашните експерти не завршат со сите случаи. Во оваа фаза само комунициравме, тие не се активни. Чекаме да се заврши со наодите, тоа се сензитивни процеси, и потоа ќе имаме заеднички состанок, локален експертски тим со меѓународниот експертски тим, и се надевам дека тогаш ќе имаме чист случај како понатаму, кои политики треба да ги имплементираме и дали можеби да се размислува за менување на некои од законите со цел да имаме појасно дефинирани протоколи за ваков вид услуги“, вели министерот Алиу.
За петте нови случаи, министерот Алиу извести минатата недела. Тимот странски експерти од Словенија, Австрија и од Италија ќе го дадат конечното мислење за сите пристигнати случаи, но тие ќе почнат со работа по локалните избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Димитровски: Скопје не треба да биде град кој ги мачи скопјани, туку град кој им служи на скопјани

Даме Димитровски, носител на листата на кандидати за советници за Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во скопската општина Ѓорче Петров во рамки на кампањата со слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ се осврна на проблемите, но и на решенија за истите кои ќе ги нуди Советот и новиот градоначалник на град Скопје.
Димитровски говорејќи за актуелната ситуација се осврна на фактот дека, како што рече, во Скопје се гушиме во ѓубре, воздухот е отровен, насекаде има ѓубре, насекаде во сите области е хаос.
„Скопје не треба да биде град кој ги мачи скопјани, туку град кој им служи на скопјани. Свесен сум дека не чека многу работа. Ние имаме план имаме кој се основа на девет политики кои се темелат на европски искуства, на проверени работи“, кажа Димитровски во скопски Ѓорче Петров.
Според него Скопје ќе стане град со современ јавен превоз, со транспарентно и чесно управување, со маала со паркови.
„Замислете во Ѓорче Петров да има воз на секои 7 минути со кој се стигнува до Центар брзо и безбедно“, укажа Димитровски.
Димитровски заклучи „ние Скопје ќе го направиме град со кој се гордееме, град со визија, затоа гласајте за број 9“.
Македонија
Стојкоски: Ѓорче Петров ќе стане првата независна енергетска општина

Александар Стојкоски, кандидат за градоначалник за општина „Ѓорче Петров“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, ја истакна програмата содржана од 140 проекти поделена во сите сегменти на жителите во Ѓорче Петров.
„На овие избори настапуваме со програма од 140 проекти поделени во сите сегменти коишто го зафаќаат живеењето на жителите во Ѓорче Петров, програма којашто ќе ги опфати сите возрасти, категории. Јас во фокусот секогаш ги имам младите и во оваа програма ќе реализираме пет нови детски градинки во Ѓорче. Една детска градинка веќе ја правиме во Стопански, договорот е потпишан, и наредната недела започнува детската градинка во Дексион. Ќе продолжиме посветено да работиме и за децата во основното образование и тука ќе направиме пет доградби и едно основно училиште Гоце Делчев“, рече Стојкоски.
Стојкоски исто така истакна дека ќе се изградат три нови спортски комплекси, и дека со воведувањето на фотоволтаичната централа на јавните објекти, општина Ѓорче Петров ќе стане првата независна енергетска општина.
„Ќе продолжиме да работиме посветено и на спортската инфраструктура, ќе направиме три нови модерни спортски комплекси, ќе работиме силно и посветено за животната средина, Ѓорче Петров ќе ја добие и првата 2,2, мегаватна фотоволтаична централа на крововите на јавните објекти, со тоа општината Ѓорче Петров ќе стане првата енергетски независна општина“, рече Стојкоски.
На крај Стојкоски посочи дека ќе се изгради и нова летна сцена со нов плоштад, како и изградба на нов мега парк од 18.000м2.
„Ќе го изградиме новиот мега парк Македонија којшто ни е во постапка на кејот на реката Вардар со површина од 18.000м2 којшто ќе ги содржи сите потребни зони за рекреација, ќе има нова летна сцена, нов плоштад со нови патеки и нова фонтана. Во делот на животната средина ќе набавиме и ново комунално возило за собирање на зелен отпад, планирана изградба на првиот центар за примарна селекција на отпад“, објасни Стојкоски.
Македонија
Мицкоски: СДСМ не гласаше за промена на Коцевски, затоа што судството и обвинителството се последната гранка на која седи раководството на СДСМ

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг во општина Ѓорче Петров, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, имаше свое обраќање.
„Сакам уште една работа да одговорам околу неговата „чесност“. Ја слушам и гледам една валкана кампања која ја тераат неговите прокси играчи и дебело платени мегафони со украдените пари. Слушаме приказни за тоа колку власта била нечестна, иако 7 години беа на власт, трипати ни го чешлаа секој денар и видоа дека нема ништо. Но, ајде да зборуваме за нивната чесност. Се сеќавате ли дека Венко Филипче заборави да пријави дека во Бугарија има фирма? Се сеќавате ли дека фирми кои работеа во РЕК префрлаа пари во Бугарија на други фирми блиски до струмичкото лоби и до братот на поранешниот премиер?“, запраша Мицкоски.
Претседателот Мицкоски потсети и на ковид вакцините, кои претходната влада ги имаше набавено преку фирми од, како што вели тој, втора рака, и кои беа тројно поскапи од оригиналните цени.
„Се сеќавате ли дека набавуваше вакцини против ковид од Кина по ултра дебели провизии, преку фирми втора рака, по трипати повисока цена од оригиналната? Се сеќавате ли дека монтажната зграда која му изгoре на Филипче се градеше без одобрение, а тој нè убедуваше дека „кабелот е крив“? За сите овие работи Филипче треба да одговара. Но, кога ќе се покрене тоа прашање — молк. Зошто?“, рече Мицкоски и додаде:
„Затоа што над 80 кривични пријави и случаи, за кои имаше и јавно објавени гласови и пријави во обвинителството, се ставени во фиока. Зошто? Затоа што таму 7 години се редеа послушни партиски кадри. Седум години имаа енормни скокови во кариерата луѓе блиски до струмичкиот клан и до Венко. Затоа СДСМ не гласаше за промена на Коцевски, затоа што судството и обвинителството се последната гранка на која седи раководството на СДСМ. А кривичните пријави кои ги поднесовме се длабоко ставени во фиока и заклучени. Клучот е кај Венко“.
Мицкоски истакна дека судството во земјава мора да биде независно и мора да има правда за сите, а додаде и дека по локалните избори следуваат промени затоа што судството мора да се ослободи од партиски и криминални стеги.
„Затоа, по овие избори, лично ќе се позанимавам со ова. Затоа што судството мора да биде независно и да има правда за сите. Знам дека таму не се собрани само интересите на СДСМ, туку и на ДУИ и на сите криминалци заедно. И нека се лутат колку сакаат, но ќе кажам: не само што не ги заслужуваат платите, туку и тие им се превисоки за таа неработа. Се разбира, има исклучоци, но сите други ја прават сликата јасна — ќе има промени и одговорност во судството и обвинителството. Македонија мора да успее и да победи. Затоа овие избори се важни. Да испратиме порака дека доаѓа крај на лицемерието, крај на криминалот и дека народот е посилен од ова сидро кое ја влече државата надолу. Затоа ќе победиме и ќе работиме за заедничка иднина“, заклучи Мицкоски.