Македонија
Извршена трансплантација на хематопоетски матични клетки од несроден дарител врз пациент со акутна леукемија
Стручниот тим на Универзитетската клиника за хематологија првпат досега изврши трансплантација на хематопоетски матични клетки од несроден донор кај пациент на 68-годишна возраст, со дијагноза акутна миелобластна леукемија.
Од клиниката информираат дека пациентот Иван од Кочани е највозрасниот пациент со акутна леукемија кој е лекуван со ваков современ тераписки пристап на клиниката. Применето е немиелоаблативно кондиционирање со хемотерапија пред интервенцијата, адаптирано на возраста на болниот и неговите коморбидитети.
„Му посакуваме успешен исход од лекувањето и упатуваме благодарност до несродниот хуман донатор од Германија, кој на возраст од 21 година одлучи несебично да донира матични клетки и да спаси човечки живот. Воедно, тимот од Универзитетската клиника за хематологија и македонскиот регистер на доброволни донатори со континуирана поддршка од Министерството за здравство и во овие сериозни времиња на пандемија овозможија непрекинато одвивање на овие интервенции со клеточен материјал, кој се транспортира од странски донаторски регистри“, изјави директорката Ирина Пановска-Ставридис.
Пановска-Ставридис рече дека во континуитет продолжува кампањата „Биди срцевина, биди херој“, со апел граѓаните да ја покажат својата хуманост и солидарност со зачленување во регистарот, со што ќе станат потенцијални дарители на коскена срцевина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Цеца нагрна бугарско знаме на концертот во Велес, па објасни: „Секогаш прифаќам знамиња од публиката, немав намера да навредам никого“
Пејачката Светлана Цеца Ражнатовиќ се огласи по скандалот со знамето што се случи синоќа на нејзиниот концерт во Велес.
Цеца се завитка во бугарското знаме, што предизвика негодување кај публиката на концертот, по што таа објасни:
„Не е чудно што секогаш сум среќна да го прифатам секое знаме од мојата публика, бидејќи тоа е мојата публика, мојот народ. Нè обединува љубовта кон песната, без разлика од каде доаѓа некој. Жал ми е ако тој чин повреди некого – навистина не ми беше намерата, особено не да ги повредам или навредам домаќините. Верувам дека го знаете тоа. Ви благодарам за прекрасната вечер, за прекрасната енергија, љубовта и спомените што ги создадовме заедно. Имавме концерт“, вели Цеца, а за реакциите и бунтот на социјалните мрежи кажа:
„Реакциите се случија во салата, помеѓу мојата публика и мене. Знаеме како се забавувавме – што беше убаво, а што не беше убаво на концертот што траеше два часа. Тоа е најважно. Нема да се занимаваме со реакциите на социјалните мрежи, бидејќи сите ние што бевме заедно во Велес таа вечер знаеме што навистина се случи. Ништо и никој не може да застане помеѓу мојата публика и мене“, нагласи таа за Блиц.
На концертот таа потоа го крена и македонското знаме.
Македонија
Почина Кире Ѓорѓиевски, еден од осудените за 27 април
Почина Кире Ѓорѓиевски, еден од осудените за настаните на „27 април“, кој беше осуден на 13 години затвор.
Од она што досега е познато, Ѓорѓиевски бил болен и неговата состојба била оценета како тешка.
„Почивај во Мир Кире! И ти не дочека како братот Игор Југ да ја видиш слободата! Уште колку треба да умреме од 27 за да се наситите, уште колку додека ја чекаме правдата, напиша Горан Ангелов на социјалните мрежи.
Македонија
Обвинение за кражба на кабли од кругот на „Железара“, нанесена штета на јавните инсталации од повеќе стотици илјади евра
Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истрага, денеска поднесе Обвинителен акт против три лица, кои како соизвршители сториле кривично дело – Тешка кражба од објекти на јавни инсталации кои се од посебно значење за сигурноста на луѓето и имотот.
Обвинетите, заедно и со други лица кои се уште не се идентификувани, во периодот од март до почетокот на мај годинава, од кругот на фабриката „Железара“ во Скопје, односно од објектот на „Полуконти –ИГМ“ и подземните тунели низ кои поминуваат кабли за напојување со електрична енергија одзеле повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на оштетените правни лице АД ЕСМ – Електрани на РСМ – Подружница енергетика Скопје и МакСтил АД Скопје во вкупна вредност од околу 440 илјади евра.
Во повеќе наврати, преку отвори со скалила кои водат во подземните тунели, обвинетите влегувале од погонот на „Полуконти –ИГМ“ и откако со апарат се уверувале дека каблите не се под напон, со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале до влезот од тунелите. Поради нивните дејствија, на 9 април настанал и пожар во трафостаницата ТС Југ со кој била предизвикана и дополнителна штета на јавните инсталации за чие санирање биле потребни повеќе од 100 илјади евра, а не се реализирало и планираното производство и дистрибуција на електрична енергија кон крајните корисници на електрична енергија за период на санација на дефектите во вредност околу 60 илјади евра.
Потоа на 6 мај, сите тројца обвинети заедно, со возило Фолксваген голф дошле до објектот и ги подготвувале каблите за транспорт. Но, при удар со кабел едниот осомничен бил повреден и тројцата отишле најпрво на Ургентниот центар „Мајка Тереза“, каде му биле констатирани повреди и му била укажана лекарска помош. Потоа сите тројца се вратиле во објектот, ги зеле алатите кои ги оставиле и се обиделе да го напуштат местото, но биле затекнати и лишени од слобода веднаш по излезот од кругот на „Железара“.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за сите тројца обвинети, бидејќи се уште постојат опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и ризикот да го повторат делото како основи поради кои таа мерка беше првично побарана и определена.

