Македонија
Извршени две трансплантации: на деформитет на стапало и на преден вкрстен лигамент на колено
Под водство на проф. д-р Зоран Божиновски и со поддршка од стручен тим успешно е извршена реконструкција на деформитет на стапало кај 13-годишен пациент, информираат од Министерството за здравство. „Во медицинскиот тим учествуваа д-р Теодора Божиновска, д-р Мики Ѓорески, анестезиологот д-р Марина Темелковска, д-р Ивана Колевска- Удовалиева, инструментарката с. Шехиде Синани, помошник-инструментарката с. Аријета Мемети, сестрата анестетичар Менче Дојчиновска и болничарот Сејнур Идриз“.
Исто така, медицински тим, составен од доц. д-р Алан Андоновски, д-р Мики Ѓорески, д-р Шклзен Синани и анестезиологот д-р Јасминка Нанчева, успешно ја изведе реконструкцијата на предниот вкрстен лигамент на колено кај 35-годишен пациент.
Придружувани од медицинскиот техничар Ерзен Муртезани, помошник-инструментарката Сузана Пејчиновска, сестрата анестетичар Јована Илиева и болничарката Снежана Тодоровска тимот демонстрира врвен професионализам и посветеност.
„Трансплантациите се извршени благодарение на ткивната банка на ортопедија. Со секоја успешно изведена трансплантација ние не само што спасуваме живот туку им даваме шанса за подобар и поквалитетен живот на пациентите. Тие се инспирација за сите нас. Изразувам посебна почит кон донорот и благодарност до семејствата на донорите. Огромна благодарност и до сите здравствени работници вклучени во трансплантациските постапки. Во изминатите шест месеци се извршени осум ортопедски трансплантации кај деца и возрасни, со што значително се унапредува квалитетот на живот кај пациентите“, вели проф. д-р Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

