Македонија
Извршени разговори со родителите: се утврдува дали е жртва на семејно насилство 16-месечното дете со хематом на главата и скршеници
Социјалните служби и полицијата и денес не кажуваат како е повредено 16-месечното дете од Струга кое со хематом на главата, скршеници на градите и на надлактицата заврши на интензивна нега на Клиниката за детска хирургија во Скопје. Министерството за труд и социјална работа за „Макфакс“ вели дека утврдува дали се работи за семејно насилство.
„Стручните лица од Центарот за социјална работа извршија првични разговори со родителите на детето и останатите членови од семејството. Во тек е сумирање на добиените информации со цел утврдување дали се работи за семејно насилство или не“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Целиот случај е пријавен и во Обвинителството, но од полицијата во Охрид, каде што било пријавено повреденото 16-месечно дете, и денес не споделуваат со јавноста како настанале повредите.
„По насока на јавен обвинител полицијата работи на расчистување на случајот“, кусо изјавија од СВР Охрид за „Макфакс“.
Детето со тешки телесни повреди во неделата претпладне од Струга било однесено во болницата за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид. Лекарите кои биле на смена му пружиле помош, откриле дека има хематом на главата, скршеници на градите и на левата надлактица како и други повреди по телото и го испратиле на Клиниката за детска хирургија во Скопје.
Директорката на Клиниката за детска хирургија, Славица Литајковска, за „Макфакс“ изјави дека детето е во стабилна состојба, сместено на интензивна нега со закажана операција на левата надлактица за денес. При прегледите, директорката Литајковска рече дека утврдиле дека кај детето хематомот на главата не е единствен туку дека има и стари хематоми, од претходни повреди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лимани: Судот ја прифати жалбата на коалицијата ВЛЕН за „бугарскиот воз“ во Липково, се докажа изборниот инженеринг на ДУИ
Валбон Лимани од коалицијата ВЛЕН денеска на прес-конференција го презентираше решението на Управниот суд со кое се прифаќа жалбата на коалицијата ВЛЕН за полнење кутии во Липково.
„Управниот суд ја прифати жалбата на Коалицијата ВЛЕН за гласачко место во Липково, каде што имало полнење на кутија од страна на блиски луѓе на носителот на листа на ДУИ во оваа зона, со техника позната како „бугарски воз“. Во судската одлука стои дека тужбата на кандидатот на претседателските избори во 2024 година, Арбен Таравари, е прифатена“, рече Лимани.
Според Лиман, со ова се докажува изборниот инженеринг на ДУИ на претседателските избори на 24 април и ги повика надлежните институции да постапат за кражбата на гласови и чинителите да се изведат пред правдата.
„По парламентарните избори нод 8 мај, режимот на ДУИ ќе се сруши. Коалицијата ВЛЕН, како следна влада, ветува дека ќе го санкционира секој обид на владата во заминување да краде или купи гласови“, рече Лимани.
Македонија
Над 150 пијани возачи затекна полицијата на 1 Мај
Санкционирани се 157 возачи на територијата на целата држава, при полициски контроли за време на празничниот 1 Мај.
Од нив 41 на територија на СВР Куманово, по 34 на територија на СВР Битола, објави МВР.
За време на контролата санкционирани се и 183 други видови на сообраќајни прекршоци.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Се апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.
Македонија
Османи: Со Рамковниот договор неопходни се две мнозинства за формирање Влада – парламентарното од 61 плус Бадентеровото
Со Рамковниот договор неопходни се две мнозинства за формирање Влада – парламентарното од 61 плус Бадентеровото, вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.
На прес-конференција тој тврдеше дека не може да има Влада без двојно мнозинство, повикувајќи се на Рамковниот.
„Охридскиот рамковен доведе до две мнозинства, 61 и мнозинство по Бадентер. Забораваме и размислуваме само за едното мнозинство од 61. Едното секогаш оди со Бадентеровото. Ќе треба време за да ја сфатиме логиката на Охридскиот договор. Рамковниот договор има механизми за заштита на заедниците од надгласување, не е за заштита на мнозинската заедница. Затоа бара покрај 61 и Бадентерово мнозинство. Јалови се сите обиди да се потцени второто мнозинство при било кои избори по 2001 година“, рече Османи.
Тој упати низа обвинувања до ВМРО-ДПМНЕ, мѓу кои дека секојдневно рециклираат националистички тези, флертуваат со проруски интереси, отворено се закнуваат на, како што рече, славното востание од 2001, ги зголемуваат тензиите меѓу етничките и верските заедници, додека ДУИ гарантираат стабилност и соживот.
Во врска со тоа како ќе настапат во вториот круг од претседателските избори, односно дали и кој од двајцата кандидати ДУИ ќе го поддржат, одлуката ќе биде соопштена во наредните денови.