Македонија
Изгласана финансиска самостојност и независност на собраниската служба
Собранието на денешната 130-та седница со огромно мнозинство го изгласа предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието.
Измените на Законот за Собранието, кои обезбедуваат финансиска самостојност и независност на собраниската служба, ги предложија претседателот на Собранието, Талат Џафери, координаторите на пратеничките групи на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Демократската унија за интеграција, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Алијансата за Албанците, независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Демократската партија на Албанците, Беса, Алтернатива, а поддршка дадоа и сите пратеници во законодавниот дом.
Овој парламентарен состав ќе биде запаметен како состав што реализирал една од стратешките цели од Стратешкиот план 2020-2022 на Собранието, каде што е утврдена целта за постигнување напредни и ефикасни услуги и собраниска служба, што се очекува да се постигне преку независна и ефикасна собраниска служба и вреднувани службеници почитувајќи ги принципите на професионална администрација и систем на заслуги.
На овој начин, преку финансиска и административна независност, се создаваат услови Собранието како претставнички орган на граѓаните, кој е носител на законодавната власт, но врши и политичка контрола на работата на извршната власт, ефикасно, темелно и целосно независно да ги извршува овие значајни функции.
Имајќи на ум дека Собранието постојано заседава, тоа наметнува специфичности во извршувањето на работите и задачите и условите за работа на вработените во Собранието, како и нивна постојана достапност во давање стручна и административна поддршка на пратениците во извршувањето на својата функција. Иако постоеше разбирање за специфичноста на работата на собраниската служба, сепак со години тоа прашање не се ставаше на преден план. За огромна почит се визијата, упорноста и решителноста на претседателот Џафери, генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова, поддршката на пратеничките групи од овој собраниски состав, разбирањето од страна на Владата, Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација.
Голем придонес и поддршка во исполнувањето на оваа цел дадоа и долгогодишните искрени и посветени партнери и пријатели на законодавниот дом, односно Швајцарската конфедерација, швајцарската амбасада и тимот од Националниот демократски институт, Центарот за управување со промени, како и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, кои ја спроведуваат Програмата за парламентарна поддршка и чија поддршка, почнувајќи од разговорите во Берово, па преку мноштвото студиски посети и работилници го консолидираа патот кон обезбедување вистински независно реформирано Собрание. Во Собранието се создаваат механизми за балансирано управување и контрола на сите постапки и знаеме дека ќе успееме да бидеме вистински дом на демократијата и демократските процеси. Службата на Собранието е носител на институционалната меморија и таа ќе биде тоа секогаш, за сите парламентарни состави – независна, непристрасна, професионална и стручна и таа ќе продолжи и понатаму и уште поревносно да ги оправдува довербата и одговорноста што ѝ се дадени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бислимоски го информирал Собранието за оставката, РКЕ му се заблагодарува за долгогодишната соработка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го известил Собранието дека поднесува оставка од функцијата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, тој ќе ја извршува функцијата сè додека не биде донесена одлука за престанок на мандатот.
Од РКЕ информираат дека институцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности согласно законските обврски. Од Комисијата, вработените и членовите му се заблагодаруваат на Бислимоски за долгогодишната соработка.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата.
Македонија
Скопскиот и Полошкиот регион со најмногу одобренија за градење во последниот период – доминира високоградбата
Бројот на одобренијата за градење во декември 2025 година е намален за 17.4 отсто во однос на истиот период од претходната година, соошти Државниот завод за статистика.
Во декември 2025 година се издадени 237 одобренија за градење, што е за 17.4 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 988 378 илјади денари, што е за 19.5 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 140 (59.1 %) се наменети за објекти од високоградба, 42 (17.7 %) за објекти од нискоградба и 55 (23.2 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 237 објекти, на 132 (55.7 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (44.3 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 411 станови со вкупна корисна површина од 38 300 м2.
Во Скопскиот и Полошкиот Регион се издадени најмногу одобренија за градење, 51.
Македонија
Декември со околу 60.000 туристи: најмногу пристигнале од Турција, Бугарија и Србија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември минатата година, во Македонија престојувале 59.521 туристи, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање.
Од вкупниот број туристи, 63,3 се странски, а 36,7 проценти домашни. Кај ноќевањата, странските туристи учествувале со 57,6, а домашните со 42,4 отсто.
Во периодот јануари – декември 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 6,0% во однос на истиот период лани. Детално по сегменти: Домашни туристи: намалување за 2,2%, Странски туристи: зголемување за 10,3%.
Кај вкупниот број на ноќевања е забележан раст од 0,8%, при што: Ноќевањата на домашни туристи се намалени за 4,1%. Ноќевањата на странски туристи се зголемени за 6,4%
Најмногу туристи пристигнале од Турција: 7.303, Бугарија: 5.214, Србија: 4.736 и Грција: 3.438.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
Тој рече дека минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, а она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10 отсто. Мицкоски рече дека се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок.

