Македонија
Изгласани измените на Кривичниот законик – се наѕира слободата на дел од обвинетите
Со 63 гласа „за“ и 1 воздржан и без дискусија пратениците во Собранието ги изгласаа измените на Кривичниот законик.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и претходно најавија дека нема да учествуваат во расправата за Кривичниот законик и ја напуштија собраниската сала кога оваа точка дојде на дневен ред.
Во измените на Кривичниот законик не е вметнат членот 353, кој се однесува на злоупотреба на службената положба, а кој претходно пратениците од владејачкото мнозинство со обидоа да го протнат. Овој член е поврзан со најголем дел од обвинетите што се гонат од СЈО и под притисок на јавноста беше тргнат од предлогот за измени на законот.
Со измените на членот 275, став 3 кој се однесува на злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавни набавки или јавно-приватно партнерство, се намалува казната затвор од 5 на 4 години. Овој член е поврзан со кривичните дела за кои се товарат Сеад Кочан и Василије Авировиќ.
Со измените на Кривичниот законик, кои сега ќе стапат во сила, се воведува и ново кривично дело попречување правда, а клучните измени се однесуваат на кривични дела сторени од омраза. Предлогот е доставен од пратениците Артан Груби, Снежана Ванчева, Соња Мираковска, Лидија Тасевска, Весел Мемеди и Реџеп Мемеди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре почнува собирањето потписи за независни кандидати за градоначалници во четири општини
Утре, 21 ноември 2025 година, започнува постапката за собирање потписи за кандидирање независни кандидати за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, соопшти Државната изборна комисија.
Потписите ќе се собираат пред службените лица во надлежните подрачни одделенија и канцеларии на ДИК, како и пред нотар, секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот. Последниот ден, 30 ноември, постапката ќе трае до 24 часот.
Подрачното одделение на ДИК во Гостивар е надлежно за собирањето потписи за кандидатите за градоначалници на Гостивар, Маврово и Ростуше и Врапчиште, додека канцеларијата на ДИК во Дебар е надлежна за општина Центар Жупа.
Постапката за собирање потписи завршува на 30 ноември во 24 часот.
Повторените избори за градоначалници во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа се закажани поради непостигнат цензус на локалните избори од 19 октомври 2025 година, по што во овие општини не беа избрани градоначалници.
Скопје
Се санира паркот во близина на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Кисела Вода
Во завршна фаза е санацијата на паркот во близина на црквата „Св. Ѓорѓија“, проект што се реализира преку партнерство меѓу Општина Кисела Вода и компанијата „Пелистерка АД Скопје“. Станува збор за значајна интервенција на простор кој долго време се наоѓаше во незавидна состојба и бараше целосно обновување.
Во рамките на активностите извршено е целосно поплочување со нови павер елементи на површина од 420 м². Изградени се две нови пешачки патеки, санирани се скалите од амфитеатарот, обновен е споменикот, поставена е нова водоводна инсталација на која ќе бидат монтирани нови чешми, а во тек се работите на новата фонтана.
Паралелно со овие зафати, Општина Кисела Вода постави нови даски за седење кај амфитеатарот, го оплеменува просторот со ново зеленило, поставува ново парковско осветлување и современа урбана опрема, со што паркот добива попријатен изглед.
Очекувањата се дека за три седмици целиот простор ќе биде целосно готов и ставен во функција.
Скопје
Ново детско игралиште и реконструиран спортско-рекреативен центар во општина Бутел
Во општина Бутел е изградено ново детско игралиште со површина од 400 метри квадратни во рамки на спортско-рекреативниот центар „Македонија“. Покрај игралиштето, целосно е реконструиран и малиот плоштад, а поставени се нова урбана опрема, ограда и осветлување. Просторот што долго време беше запуштен и со руинирани содржини денес претставува модерен спортско-рекреативен центар со вкупна површина од 6.000 м².
Општината информира дека во населеното место Радишани е изградено ново корито на реката Серава, пешачка патека, фудбалско игралиште со висококвалитетна вештачка трева, баскет игралиште со специјална подлога, детско игралиште со мека подлога, фитнес-зона, нов парк, како и дополнителни паркинг места.
Од општината порачуваат дека Бутел продолжува да се развива, вложувајќи во подобрување на условите за спорт и рекреација, со цел да обезбеди здрава иднина за младите генерации и можности за редовно практикување спорт за сите граѓани.

