Македонија
Излеговме од дупката во која нѐ пикна претходната власт, рече министерот Димитров

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се обрати пред Комисијата за европски прашања, каде што расправата за предлог-законот за ратификација на договорот за решавање на спорот за името се одвива без присуство на опозицијата.
Во рамките на своето обраќање Димитров изрази зачуденост што, како што рече, опозицијата одмага и ова го нарекува капитулација.
„Кој им бранеше досега да ги отворат овие процеси? Тогаш патот кон ЕУ беше многу поширок. Не пикнаа во дупка, а сега се качивме и излеговме од ровот. Ако не помагаат, барем да не одмагаат“, порача министерот.
Во однос на протестите пред Собранието, Димитров рече дека не може сто луѓе да речат оти тие се народот.
„Се знае што е народот, преку најдемократскиот метод – референдумот, ќе се одрази волјата на народот. Ако ја имаме поддршката од народот, ќе одиме на обезбедување двотретинско мнозинство“, порача министерот за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денес пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум, најави Владата

Македонија се гради. Денес официјално ќе биде пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум во должина од 24,3 километри, најавуваат од Владата.
Вредноста на проектот за реконструкција на овој патен правец, како што е појаснето во официјалното соопштение изнесуваше 11,7 милиони евра.
„Ова значи дека по речиси 4 децении, не само охриѓани, туку голем број на граѓани ширум државата, но и туристи ќе можат да патуваат од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум, но и до соседна Република Албанија, по нов патен правец.
Овие капитални проекти го подобруваат не само туристичкиот, туку и економскиот напредок и развој во Македонија.
Владата работи и создава дела за просперитет на Македонија“.
Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.