Македонија
Изложба на фотографии од балканскиот рис

Македонското еколошко друштво организира изложба на фотографии од таинствениот балкански рис, на 17 август во 12 часот во хотел „Неда“, Галичник. Селекцијата на фотографиите се состои од најпретставителните единки на балканскиот рис кои досега се фатени на камера во Македонија, Албанија и Косово – трите држави каде опстојува ова животно.
„Галичник е во непосредна близина на живеалиштето на рисот, а во текот на летните месеци секогаш е дестинација за посета од многумина кои се заљубени во убавините на Македонија и во животот во едно вистински традиционално македонско село. Верувам дека тоа е истата публика која се радува на секоја нова детектирана единка рис, па затоа ја избравме оваа локација за претстојната изложба“, вели Искра Манојлоска, координаторка за комуникации во МЕД.
Програмата за закрепнување на балканскиот рис, која делува во рамки на МЕД, следната година одбележува две децении постоење и посветена работа. Таа беше првиот поттик за систематско мониторирање и истражување на овој вид, со крајна цел да се обезбеди неговиот опстанок.
Балканскиот рис е апекс-предатор, без природни непријатели во животинскиот свет. Неговиот најголем непријател е човекот – преку криволов или индиректно, преку уништување на шумите, со што се загрозува неговото живеалиште и се поттикнува неговото исчезнување. Денес во природата живеат едвај педесетина возрасни единки, поради што тој е вистинска природна реткост.
Изложбата има патувачки карактер: по отворањето во Галичник, таа ќе биде претставена и во други места низ Македонија. Во хотел „Неда“ ќе биде достапна за посета до 31 август, а влезот е бесплатен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Спасувачка акција на повредено лице при превртување на теренско возило на планинскиот пат над село Јеловце

Центарот за управување со кризи денеска попладне добил пријава за едно повредено лице при превртување на теренско возило на планинскиот пат над село Јеловце, општина Врапчиште.
Веднаш за настанот биле известени полициските станици Гостивар и Галате.
„Пријавата е добиена преку Едиствениот број за итни повици. Бидејќи теренот е тешко пристапен за возило на Итна медицинска помош, по барање на директорот на ЦУК, Мухамед Али, ДОЦ достави барање до Министерството за внатрешни работи за ангажирање на хеликоптер и специјални единици (алпинисти) за спасување на повреденото лице“, информираат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека лицето ќе биде транспортирaно до Клинички центар за укажување на понатамошна медицинска помош.
Македонија
Андоновски: Македонија прва од регионот ќе ги исполни условите за „роаминг како дома“

Земјите од Западен балкан на претстојниот Дигитален самит кој ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје ќе усвојат заедничка изјава со повик кон Европската Унија да се забрза процесот „роаминг како дома“ и нула трошоци за интернет за нашите граѓани во ЕУ.
Унијата пред еден месец излезе со патоказ што треба да го исполниме како држави за да пристапиме кон оваа зона, но потребна е активност и од нејзина страна.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вели дека Македонија ќе ги заврши своите обврски до декември годинава и очекува наредната година први да го потпишеме договорот за роаминг со нула трошоци за македонските граѓани.
„Главна беше измената на Законот за електронски комуникации за исполнување на клучните регулативи и директиви на ЕУ што ние веќе го направивме летово. Остануваат уште неколу подзаконски акти што треба да ги завршиме до крајот на годинава и со тоа ќе ги исполниме условите. Во напредна фаза сме, го изработивме нашиот Акциски план и мислам дека ќе бидеме први од регионот“, кажа Андоновски.
Македонија
Дигиталниот Самит на Западен Балкан 2025 повторно во Скопје – 1 и 2 октомври во Музејот на современата уметност

Министерот за дигитална трансформација, на прес конференција, ја најави организацијата на Дигиталниот Самит на Западен Балкан 2025, кој повторно ќе се одржи во Скопје, на 1 и 2 октомври 2025 година, во Музејот на современата уметност.
Ова регионална платформа ги поврзува владите од регионот, деловната заедница, академијата и меѓународните партнери со цел забрзување на дигиталната трансформација во регионот.
Самитот ќе биде организиран на две сцени – главна и технолошка, со три носечки приоритети:
• Дигитален паричник – сигурен и препознатлив пристап до јавни и приватни услуги.
• Интероперабилност – поврзување на системи и регистри за прекугранични електронски услуги.
• Сајбер-безбедност – заштита на личните податоци и критичната инфраструктура.
На технолошката сцена ќе бидат отворени теми за вештачка интелигенција, 5G и оптичка инфраструктура, дигитални вештини и пристапот на регионалните компании до единствениот европски дигитален пазар.
Министерот подвлече дека се очекуваат повеќе од 800 учесници и говорници, меѓу кои: претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министри од Црна Гора, Албанија, високи претставнци од Србија, Косово, Босна и Херцеговина, високи претставници на Европската комисија, Регионалниот совет за соработка (RCC), ITU, бизнис секторот од регионот и други меѓународни организации. Меѓу најважните гости и говорници ги очекуваме и Ренате Николаи (DG CONNECT), генералниот секретар на RCC Амер Капетановиќ, заменик-генералниот секретар на Меѓународната телекомуникациска унија (ITU) Томас Ламанускас, видео-обраќање од Томас Јарзомбек (Парламентарен Државен секретар на СР Германија), како и од приватниот сектор Свјатослав Сењута од VISA, Марк Васич од Дојче Телеком и Кејт Марш од British Council.
Министерот Андоновски, подвлече дека самитот има исклучително значење затоа што ќе го продолжи „Нашите напори за понатамошно намалување на роаминг трошоците WB6–ЕУ со патека кон „роаминг како дома“, за 0 трошоци за интернет за македонските и граѓаните од Западниот Балкан кога патуваат во ЕУ.“