Македонија
Измама во ФК Куманово 1903, претседателот затаил данок од речиси милион денари
Полицијата поднесе кривична пријава против претседателот на правното лице „Фудбалски клуб Куманово 1903“, против сметководителка и против правното лице Здружение на граѓани „Фудбалски клуб Куманово 1903“ за затајување на данок, злоупотреба на службена положба, фалсификување или уништување деловни книги и несовесно работење во служба. Двајцата се осомничени дека го оштетиле Буџетот за над 3,8 милиони денари и дека затаиле данок од речиси еден милион денари.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.К.(51) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, даночно затајување и фалсификување или уништување деловни книги, против Здружение на граѓани „Фудбалски клуб Куманово 1903“ – Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела даночно затајување и фалсификување или уништување деловни книги и против С.П.(61) од Куманово, поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело несовесно работење во служба.
Според информациите од МВР, Д.К., претседател на „Фудбалски клуб Куманово 1903“ – Куманово, во периодот од 01.01.2013 до крајот на 2017 година, по доделување на паркинг простор на локалитет „Чоробенско ќоше“, во центарот на Куманово, од страна на АД за Изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, остварените приходи од наплата на паркинг услуги не ги користел за остварување на целите за кои е основано ова здружение и во наведениот период не регистрирал фудбалери, не учествувал во систем на натпревари во државата, не донесувал долгорочни, годишни и месечни програми за реализација на своите дејности утврдени согласно закон.
Во посочениот периодот остварил вкупен приход од дневен пазар од наплатени паркинг услуги во износ од 9.572.200 денари, од кои еден дел биле распределени за закупнина, трошоци за струја и плати на вработени, додека останатитот приход од 3.862.221 денари, како непризнаени расходи, го покривал со изготвување на фалсификувани налози за службени патувања, сметкопотврди и фактури за набавена спортска опрема и за репрезентација.
Ваквите документи ги доставувал на С.П., која како овластено лице во фирма за сметководствени услуги ги прифатила ваквите невистинити документи, ги прокнижувала и сочинувала лажни финансиски извештаи, кои ги прикажувала преку годишни завршни сметки, со што овозможила на првопријавениот и второпријавеното правно лице да избегнат плаќање на данок на добивка по основ на остварени приходи во вкупен износ од 858.227 денари, со што го оштетиле Буџетот на РСМ, како и да се стекнат со противправна имотна корист од 3.862.221 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.

