Македонија
Измените на Изборниот законик в понеделник на собраниска седница
Пратениците в понеделник на седница ќе расправаат за предлог-законот за изменување на Изборниот законик, по завршување на комисиската расправа. Измените се носат по скратена постапка, затоа што предлогот е со европско знаменце.
Вчера претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, ја затвори расправата за измените на Изборниот законик, без да прифати ниту еден амандман од вкупно 401 кои ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека поради тоа што имало многу пријавени за збор, одлучил да ја прекине расправата бидејќи поради рокот од два дена за завршување на комисиската расправа, и онака нема да може сите да дискутираат.
Владата поднесе предлог-закон за измени на Изборниот законик со кои, како што тврди, ќе се одблокира формирањето на Државната изборна комисија пред одржување на референдумот оваа есен. Владата бара членовите на ДИК наместо со двотретинско да се бираат со апсолутно мнозинство. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека како и со Законот за јазиците, така и со Изборниот законик, власта грубо ги злоупотребува европското знаменце и Комисијата за европски прашања. Според опозициската партија, Изборниот законик никогаш не се носел без консултации со опозицијата, а не се ни разгледувал на Комисијата за европски прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Кочани почна со работа регионалниот центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка
Во Кочани почна со работа регионалниот центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка на Црвениот крст.
Министерот Азир Алиу го посети центарот каде информираше дека целта е да се продолжи со организирано обезбедување професионална психолошка помош, советување и поддршка за повредените од пожарот, нивните семејства и целата заедница.
„Центарот за ментално здравје ќе биде место за доверлива и безбедна грижа, со акцент на справување со траумата, загубата и емоционалните последици. Во Центарот, во рамки на првата фаза ќе работат девет психолози, кои ќе обезбедуваат индивидуални и групни сесии, психоедукација и поддршка за волонтерите и вработените. Овој центар е пример за тоа како треба да изгледаат вакви објекти низ целата држава. Министерството за здравство целосно го поддржува проектот и континуирано ќе дава поддршка за оваа иницијатива со која покажуваме дека иста е важноста на менталното здравје, како и физичкото, и заедно со Црвениот крст и нашите партнери ќе продолжиме да градиме систем на грижа и солидарност“, истакна министерот Алиу при посетата.
Тој, исто така, информираше дека во наредните три години, центарот располага со буџет од 150 илјади евра, обезбедени од Црвениот крст на Австрија и на Србија, како и други партнери и донатори. Средствата ќе бидат насочени кон обезбедување современа опрема, едукативни програми и континуирана поддршка за стручниот кадар, со цел граѓаните да добијат најквалитетни услуги.
„Оваа иницијатива го покажува континуитетот во грижата за повредените лица од трагедијата во Кочани, имајќи предвид дека од самиот почеток трошоците за лекување и рехабилитација на повредените се покриени од државата, а по завршување на болничкото лекување обезбедивме и рехабилитација на повредените лица во објектот на Пониква. Токму таму, покрај рехабилитацијата и 24-часовното присуство на физиотерапевти, овозможивме и континуирана психолошка поддршка, која сега продолжува во овој центар во Кочани. Нашата заложба е сите пациенти да ја добијат потребната здравствена заштита и потребната психо-социјална поддршка“, рече Алиу.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Кацарска го загуби кредибилитетот кога судеше 200 години затвор за 27 април
Кацарска е обичен апаратчик на минатата власт, таа е активен чинител на неправдата без кредибилитет, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението од Уставниот суд.
„За да е нападнат нечиј кредибилитет, судијата треба да има кредибилитет. А Добрила Кацарска го изгуби во времето кога судеше 200 години затвор за 27 април и стана преку ноќ уставен судија со што покажа дека е обичен апаратчик на минатата власт. Таа не само што беше поддржувач на неправдата, туку нејзин активен чинител. А судската тога и наметка не ја прави добар судија, туку одлуките со кредибилитет кој Кацарска ги нема“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Перински: Отворен Јавен повик за креирање регистар на висококвалификувани експерти и практичари
Министерството за локална самоуправа, преку Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините, објави Јавен повик за изразување интерес за учество во базата на експерти на Ресурсниот центар кој е отворен за аплицирање до 15.12.2025 година.
Со воспоставувањето на базата на експерти се создава динамичен и професионален механизам кој ќе овозможи општините да добијат навремена, стручна и таргетирана поддршка. Секој експерт што ќе се вклучи ќе има можност да сподели знаење, да работи на конкретни предизвици, да креира решенија и да даде видлив придонес во развојни процеси од локално значење.
Преку овој јавен повик, ќе се формира регистар на висококвалификувани експерти и практичари, кои согласно потребите на општините, ќе бидат ангажирани за различни видови на професионална поддршка: менторства, специјализирани обуки, теренски ангажмани, развој на алатки, подготовка на анализи, прирачници, стратегиски и оперативни документи и други форми на експертски придонес.
Областите на потребна експертиза се поврзани со изворните надлежности на општините, но и пошироко, опфаќајќи сектори кои имаат значајно влијание врз функционирањето на локалната самоуправа, подобрувањето на услугите кон граѓаните и креирањето на стратешки решенија за долгорочен развој.
„Со овој јавен повик ги охрабруваме сите професионалци кои сакаат да имаат придонес, да работат на значајни процеси и да го споделат своето искуство, да се пријават и да бидат дел од оваа суштинска иницијатива за поддршка на јакнењето на локалната самоуправа“, изјави министерот Златко Перински.
Повикот може да се најде на следниот линк.

