Македонија
Илир Демири и Наим Бајрами избрани за министри за здравство и администрација
Собранието попладнево на седница ги избра Илир Демири и Наим Бајрами од Алијансата за Албанците за министри за здравство и за информатичко општество и администрација.
Демири и Бајрами се избрани со 63 гласа „за“, ниту еден и воздржан
Тие доаѓаат на местото на Фатмир Меџити и Азир Алиу кои во петокот беа разрешени, откако го поддржаа претседателот на Алијансата за Албанците (АА) Арбен Таравари, кој најави дека на претстојните избори ќе се приклучи кон албанската опозиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Ги прошируваме капацитетите на Јохан Хајнрих Песталоци, го санираме покривот и создаваме подобри услови за учениците
Кандидатот за нов градоначалнички мандат во Општина Центар, Горан Герасимовски, најави проширување на капацитетите на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“.
„Со зголемувањето на бројот на ученици, потребата за дополнителен простор стана приоритет. Затоа ќе инвестираме во проширување на капацитетите на училиштето со изградба на нови училници,“ рече Герасимовски.
Во програмата се предвидува и промена на фасадната столарија и подовите, како и партерно и хортикултурно уредување на дворот на училиштето.
Дополнително, по промената на кровот на училиштето, реконструкцијата на отворените игралишта и тековната санација на покривот врз спортската сала, „Ј.Х. Песталоци“ ќе биде целосно реконструирано.
Македонија
Обвинителството побара притвор за директорот и за управителот на „Комунална хигиена“
Скопското обвинителство побара притвор за в.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахудин Рустеми, и за еден управител за отпад во претпријатието во рамките на истрагата што се води против нив за кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад.
„Осомничените, од кои едниот в.д. директор, а другиот управител за отпад во ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпадот и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на град Скопје, како и на обврските предвидени во оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на оперативниот план за одржување на јавната чистота во градот. Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето комунален отпад, како и со непрописното управување со отпадот, тие овозможиле во текот на месецот да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и ги довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести“, велат од Обвинителството.
Од таму додаваат дека ваквите сомненија се утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина кои излегоа на терен по насоки на јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од ЈЗУ Институт за јавно здравје.
„Поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени“, соопшти Обвинителството.
Македонија
Директорот на „Комунална хигиена“ и раководителот сè уште во полициска станица
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахудин Рустеми, и уште едно раководно лице сè уште се наоѓаат во полициска станица по приведувањето во врска со проблемот со отпадот во главниот град.
„Лицата се задржани и постапката е во тек“, велат од Јавното обвинителство.
Од тука вчера соопштија дека лицата се приведени во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик или, како што појаснуваат, станува збор за загрозување на животната средина и природата со отпад.
Владата претходно го задолжи Министерството за внатрешни работи во координација со Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје да изврши вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во „Комунална хигиена“ со цел да се утврди состојбата со отпадот во главниот град и да се преземат соодветни мерки.
Во врска со приведувањето во текот на вчерашниот ден реагира градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која на „Фејсбук“ со иронија напиша дека директорот, кој е кадар на ДУИ, бил пуштен од станица кога во полиција по убедување им кажал дека во срцето и душата е „Влен“. Арсовска вината ја лоцира кај претседателката на управниот одбор на претпријатието, Јулијана Спировска, за која исто со доза иронија напиша дека неа не ја апсат оти имала албум со фотографии со сите функционери од ВМРО-ДПМНЕ.

