Македонија
(Видео) Илија Димовски не дојде на судење – бил во Брисел на состанок на НАТО
Пратеникот Илија Димовски не беше присутен на денешното рочиште за предметот „Талир“. Тој на 13 февруари со писмен поднесок го известил судот дека од 17 до 21 февруари ќе биде во Брисел на комитет на парламентарното Собрание на НАТО.
Димовски во поднесокот навел дека е шеф на делегацијата од Македонија. На судењето беа присутни останатите обвинети, освен бегалецот Никола Груевски. Следното рочиште е закажано за 7 март во 10 часот.
Во предметот „Талир“ обвинети се поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, бегалецот Никола Груевски, ексгенералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеникот Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска, која лани призна вина и доби условна казна.
СЈО тврди дека обвинетите незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра во готовина, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на различни имиња. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари. Предметот ќе го суди судечки совет со кој ќе претседава Осман Шабани.
Никола Груевски е обвинет дека во периодот од 2009 година до 2015 година спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупцијата, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за ВМРО-ДПМНЕ.
Во овие свои активности му помагале обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски, кои им вршеле притисок на претставници на правни лица, кои, пак, имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ како противуслуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит.
Обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на ВМРО-ДПМНЕ, иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување налози за плаќање на обврските и за купување недвижен имот за ВМРО-ДПМНЕ.
За предметот „Талир“ има уште едно обвинение за кое судот сè уште се нема произнесено дали е оценето обвинението, а се однесува на незаконска изградба на партиското седиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

