Македонија
Има место за сите во нашиот тим – започна нова кампања против дискриминација во фyдбалот
Денес, на Светскиот ден на детето, Министерството за образование и наука, Министерството за спорт, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Фудбалската федерација на Македонија и УНИЦЕФ ја започнаа кампањата „Еден тим за секое дете – нулта дискриминација“.
Иницијативата има за цел промоција на фер-плеј, инклузија и почитување на секое дете – со особен фокус на девојчињата, децата Роми и децата со попреченост.
„Обединети сме во грижата за децата и младите. И тоа е добро, затоа што само заедно можеме да ја оствариме целта – да имаме здрави поколенија со квалитетни знаења. Образованието е вистинскиот начин за градење спортски вредности. Преку наставни и воннаставни активности поставуваме темели за здрава спортска етика, за почитување на различностите и за поттикнување на учество на сите деца – девојчиња, припадници на ромската заедница и деца со попреченост,“ изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа истакна дека кампањата е можност да се продлабочат наставните содржини на овие теми, а продолжениот престој во училиште, за кој Министерството се залага, да се искористи за воннаставни активности за градење култура на фер-плеј и инклузија.
„Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со големо задоволство се приклучува на оваа заедничка иницијатива и им се заблагодаруваме на партнерите од ФФМ, Министерството за спорт и МОН за нивната подготвеност да се спроведе ваков тип на кампања. Огромна благодарност и за поддршката од Канцеларијата на УНИЦЕФ која е од суштинско значење за да обезбедиме системски пристап во заштитата на децата од дискриминација во спортот. Заедно можеме и мораме да создадеме средина во која секое дете ќе се чуствува безбедно, прифатено и охрабрено да учествува. Во фудбалот нема место за предрасуди и стереотипи – има место само за почит, фер-плеј и еднаквост“ – истакна претседателот на КСЗД, Душан Томшиќ.
На настанот, деца и млади спортисти имаа можност да учествуваат во отворена панел дискусија со фудбалери кои споделија искуства со дискриминација во спортот.
“Тука сме да покажеме дека различноста е сила и дека во нашиот тим има место за сите. Тим во кој нема место за дискриминација, говор на омраза или исклучување. Тим во кој секој има право да сонува и да успее,“ изјави Леонид Јандреоски, генерален секретар, ФФМ.
“Без оглед дали се темели на етничка припадност, пол, попреченост или социо-економско потекло, дискриминацијата го ограничува учењето, благосостојбата и можностите на децата во текот на целиот живот. Кога има фер-плеј, солидарност и почит, влијанието може да биде трансформативно. Сите ние можеме да бидеме дел од оваа промена, и сметаме на децата и младите да ја предводат промената,“ истакна претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер.
Таа ги повика младите спортисти да ги третираат другите онака како што би сакале самите да бидат третирани и да проговорат кога ќе забележат дискриминација; тренерите и родителите да бидат пример и да постават правила со нулта толеранција кон дискриминацијата, а лидерите и креаторите на политики да обезбедат секое дете да се вклучи во спорт без дискриминација и да ги проширaт инклузивните програми во училиштата, клубовите и заедницата.
За време на настанот, децата и фудбалерите од националната репрезентација ја подготвија заклетвата „Еден тим за секое дете“. Заклетвата ќе се сподели со сите клубови во земјата со повик до младите спортисти да ја прочитаат пред секој натпревар и тренинг. Таа ќе служи како потсетник на значењето на културата на фер-плеј, почит и солидарност во спортот и отворено зборување секогаш кога ќе се забележи неправда.
Во текот на кампањата, училиштата и спортските клубови ќе добијат поддршка за организирање дискусии на овие теми со цел децата полесно да ги препознаваат предрасудите, да разберат како влијае дискриминацијата и да научат како да пријават случаи на дискриминација во спортот.
За време на кампањата – од 20 ноември 2025 до 1 март 2026 – партнерите ќе ја пренесуваат пораката дека има место за сите во нашиот тим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.

