Македонија
„Името го сменивме двапати, Уставот седумпати“ – Николоски во Брисел побара чесен пристап и одговор дали со уставните измени завршуваат барањата
Заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, се обрати на форумот „Прашања на проширување: Новата геополитичка, безбедносна и економска граница на Европа“, што се одржа во Брисел во организација на „Пријатели на Европа“.
Во своето излагање Николоски рече дека земјите од регионот со децении се борат за европските вредности, но дека испораката од Европската Унија недостига. Тој посочи дека Северна Македонија направила низа отстапки, вклучително и промена на името двапати, промена на валутата, знамето и седум измени на Уставот, а во тек е и осмата измена.
„Името го променивме двапати – првин беше за меѓународна употреба: Поранешна Југословенска Република Македонија, потоа моравме да го промениме името за целиот свет, како и за внатре, во земјата, во Северна Македонија. Ги променивме валутата, знамето, Уставот седумпати, сега треба и осми пат. И тоа е бескрајна приказна и кога зборувате со луѓето, тие прашуваат: дали е ова последната работа. И тоа е одговорот што не го добиваме. Сега во комуникација со наши бугарски пријатели и со други засегнати страни ова е нашето главно прашање. Тоа е што е, има договор, не ни се допаѓа, некој друг го потпишал, мораме да спроведеме, но дали е ова последната работа и никој не ни одговара. Прашуваме дали другата страна може да направи нешто за да има некаква рамнотежа и многу често одговорот е – не. Тоа е реалноста, но мислам дека треба да живееме со неа, не треба да кажеме: во ред, се откажуваме“, рече тој.
Додаде дека Северна Македонија продолжува да се трансформира однатре користејќи домашни ресурси и соработка со ЕУ, САД и со Обединетото Кралство. Николоски потсети дека земјата е прва од регионот што потпишала договор за стратешко партнерство со Велика Британија.
Во однос на проширувањето на ЕУ, Николоски оцени дека секое проширување досега било политичко прашање и дека за Западен Балкан недостига политичка волја во Унијата. Тој смета дека е фер земјите членки јасно да кажат што е возможно, а што не, наместо регионот постојано да биде во состојба на чекање.
„Ниедно проширување на ЕУ не било неполитичко, почнувајќи од Грција и Португалија, во претходниот век, па големото проширување на почетокот на овој век, па сѐ до Романија и Бугарија – сѐ било политички. Јасно е дека за овој регион недостига политичка волја. За разни земји причините се разликуваат, но очигледно има недостиг на политичка волја. Сметам дека е фер да им се каже на луѓето од регионот – ова може, ова не може. И ајде да ги правиме работите што може да се направат. Ако може да направиме 10-20 работи, тогаш да ги испорачаме бидејќи вака сме заглавени во ситуација на чекање: следниот самит, следниот самит, јуни, декември, можеби во средината на март… и така времето си минува и она од што се плашам е што може да му се случи на регионот во иднина“, рече вицепремиерот.
Николоски предупреди на ризиците што би ги носело евентуалното пропаѓање на европскиот процес наведувајќи дека во регионот постојат екстремни сили што би можеле да ја преземат моќта. Тој потсети на трагичните искуства од 90-тите и истакна дека политичките елити денес главно се умерени, но дека ваквите сили чекаат простор.
Во говорот тој посочи и на регионалната економска соработка и на инфраструктурното поврзување преку европските коридори 8 и 10 за кои се вложуваат значајни средства во автопатска и во железничка инфраструктура. Николоски истакна дека во моментот трговијата во регионот функционира речиси без граници и оти се работи на олеснување на движењето со Грција и Бугарија.
Тој се осврна и на теориите на заговор присутни во некои од медиумите во регионот наведувајќи пример со реакции по потпишувањето на договорот за железничко поврзување со Бугарија. Според Николоски, единствениот начин да се надмине ваквата состојба е да се испорачуваат резултати.
Во однос на Европската политичка заедница, Николоски оцени дека форумот има потенцијал да ја обедини Европа и дека регионот денес живее подобро отколку пред две децении, и економски и демократски. Но тој нагласи дека постојат нови сили, кои се спротивставуваат на европскиот пат и дека е важно да се зборува чесно со граѓаните.
На крајот, Николоски посочи дека примерите на решавање билатерални спорови меѓу други земји членки, како Словенија и Хрватска, не се применети за Северна Македонија, и повтори дека потребен е фер и јасен пристап на Европската Унија кон регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Местени тендери и аванси во Државната лотарија, Груби ќе се соочи со правдата
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека време е за одговорност и дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ќе се соочи со правдата.
„По година и пол бегство, денеска на граничниот премин Блаце уапсен е Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и министер во владата на СДС и ДУИ“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека Груби важи за олицетворение на криминалот и корупцијата предводена од СДСM и ДУИ и додаде дека конечно ќе се соочи со правдата.
Петрушевски посочи дека, криминалот на Груби достигнал минимум 500 милиони денари или над 8 милиони евра, а дека постојат индиции оти сумата може да надмине десетици милиони евра.
„Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на Државната лотарија освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека СДСМ знаела за милионскиот криминал, но молчела за да ја одржи коалицијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека борбата против криминалот и корупцијата останува нивен приоритет и дека секој кој се огрешил пред законот, порано или подоцна ќе се соочи со правдата.
Македонија
Сали во официјална посета на Украина: посетата има за цел размена на искуства за европската интеграција и поддршка за Украина
Утре првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе престојува во официјална работна посета на Киев, Украина.
Во рамки на посетата, Сали ќе учествува на заедничка комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, и ќе оствари повеќе средби со високи претставници на украинските институции задолжени за европската и евроатлантската интеграција.
Посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка, размена на искуства во процесот на европска интеграција и изразување поддршка за Украина.

