Македонија
Владата: Инвестициски бум – шест нови странски инвестиции за шест месеци и 2.000 нови работни места
Инвестициски бум се случува во Македонија изминатите шест месеци. Шест месеци нова Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ значи шест нови странски инвестиции и над 2000 нови вработувања, се истакнува во соопштението од владините служби.
„Првата инвестиција на „Алказар Енерџи“ за изградба на ветерници во општините Радовиш, Штип и Карбинци, е во вредност од 500 милиони долари и значи 630 нови вработувања, а со инсталирање на 55 ветерници со електрична енергија ќе се снабдат 100.000 граѓани.
Втората инвестиција на германско-белгиска „Епсотех Аим“ е за изградба на развојно истражувачки центар, алерти центар во индустриско-технолошките зони на територијата на Општина Петровец. Нејзината вредност е од 20 милиони евра и нови 110 вработувања.
Третата странска инвестиција е за производство на сопирачки за шински возила на американскиот „Вебтек“ во вредност од 35 милиони евра. Со оваа инвестиција ќе се отворат нови над 100 вработувања, во Технолошко индустриско развојната зона Скопје.
Четврта инвестиција која ја донесе Владата во рок од шест месеци е за производство на литиум јонски батерии во Технолошко индустриско развојната зона Скопје. Инвестицијата на германската компанија „BMZ Group“ е во вредност од 65 милиони евра и отвора дури нови 700 вработувања.
Петтата инвестиција на компанија „Брејнчајд“ во зоната Жабени е во вредност од 8,5 милиони евра, а ќе вработи околу 100 лица.
И шестата инвестиција е на „АД БАУ Интернационал“ која е дел од групација ДМ Бау – швајцарски производител на модуларни објекти е во вредност од 7 милиони евра и отвара 200 нови вработувања“, потенцираат од Владата.
Додаваат дека и покрај лошата економска состојба која ја наследиле, како Владата работат посветено и спроведуваат економски политики со кои привлекуваат нови странски инвестиции.
„Како Влада воспоставуваме партнерски и деловен однос со странските и домашни инвеститори, отвораме нови работни места и придонесуваме за подобрување на бизнис климата и животниот стандард на граѓаните.
Владата работи посветено на забрзување на економскиот развој.
Наш приоритет е стабилна македонска економија“, се додава во владиното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди, од утре затоплување
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен.
Утринските температури ќе се движат од минус еден до шест степени, а дневните ќе достигнат меѓу четири и 12 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви интервали и умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до четири степени, додека максималната ќе достигне до десет степени.
Од утре се најавува стабилизација на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.

