Македонија
„Инженерите ја градат иднината – обраќање на министерката Божиновска на 30-годишнината на МАКО СИГРЕ“
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на свеченото одбележување на 30-годишнината од основањето на македонскиот национален комитет на CIGRE – МАКО СИГРЕ. Настанот, кој ги собра водечките имиња од инженерската и академската заедница, го истакна значењето на македонските инженери во развојот на енергетските системи.
Во своето обраќање, министерката нагласи дека инженерската професија е основен двигател на економскиот и технолошкиот напредок.
„ Успехот на нашата работа понекогаш не се гледа веднаш, но ние знаеме дека градиме нешто што ќе го наследат идните генерации. МАКО СИГРЕ е семејство на професионалци, мост помеѓу генерации инженери, кој гарантира континуитет во преносот на знаење. Иднината е во рацете на младите инженери, но за да успеат, потребна им е поддршката и знаењето што само искусните професионалци можат да го понудат.“, истакна Божиновска.
Министерката ја потенцираше важноста на придонесот на македонските инженери во меѓународните организации како CIGRE, кои ја позиционираат Македонија како важен партнер на глобалната сцена. Вашата работа е гордост за нашата држава и пример за тоа како се надминуваат границите на знаењето и технологијата. “ истакна Божиновска.
МАКО СИГРЕ, со повеќе од 100 членови – вклучувајќи водечки енергетски компании и универзитети – е значаен партнер во унапредување на енергетските политики и воведување иновации. Божиновска најави засилена соработка со здружението, особено во примена на нови технологии и поддршка за младите инженери, поттикнувајќи ги да изберат технички професии и да дадат свој придонес во националните проекти.
„ Со обединување на стручниот потенцијал, ќе создадеме средина каде што професионализмот и одговорноста се ценат, инженерските идеи се реализираат, а младите инженери го добиваат заслужениот простор за напредок. Вашата работа е основа за иднината на енергетскиот сектор, и Ви благодарам за сè што правите и ќе продолжите да правите,“ порача министерката Божиновска.
На настанот присуствуваа истакнати личности од инженерската и академската заедница, меѓу кои и претседателот на CIGRE, проф. Константин Папаилиу, генералниот секретар на CIGRE, г. Филип Адам, и претседателот на националниот комитет на CIGRE, г. Сашо Салтировски, со кои министерката Божиновска претходно оствари и директна средба во просториите на министерството, на која им посочи дека Министерството останува посветено на развој на енергетската инфраструктура, унапредување на иновациите како и зајакнување на соработката со стручната и академската заедница за изградба на одржлива енергетска иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

