Македонија
Инжинери на Македонија: Глоба до 3.000 евра за ЕВН ако не овозможи визуелен пристап до броилото
Потрошувачите на електрична енергија имаат законско право на визуелен пристап до сопствените броила, а секое спречување на тој пристап од страна на операторот на електродистрибутивниот систем – во овој случај ЕВН – претставува прекршување на Законот за енергетика.
„Со новиот закон кој стапи во сила на 29 мај 2025 година, операторот е обврзан да овозможи визуелен пристап до мерниот уред, односно потрошувачот да може лично и во секое време да го види и провери податокот што уредот го регистрира. Поставувањето на броила во затворени кутии, на височина недостапна за граѓанинот, во заклучени и невидливи за граѓанинот простории или поставено во ормари каде не може да се види броилото, претставува правно недозволено постапување“, велат Инжинери на Македонија.
Законот предвидува глоба од 1.000 до 3.000 евра за операторот ЕВН ако не го исполни ова свое законско задолжение. Тоа значи дека секој граѓанин што не може да го види своето броило, ниту да го контролира внесениот податок за потрошувачката, има право да поднесе претставка и да бара инспекциски надзор и санкционирање на операторот. Ова се однесува и на случаи кога броилата се поставени зад метални мрежи, стакла кои не дозволуваат читање, или ако се наоѓаат на несоодветни и небезбедни места што го оневозможуваат пристапот.
Поднесено е официјално барање до надлежните инспекциски органи: Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот пазарен инспекторат како и Министерството за енергетика, за да се потврди кој од нив е конкретно надлежен за постапување и санкционирање во овие случаи. Веднаш по добивањето на нивниот одговор, како што се додава, јавноста ќе биде информирана кој инспекциски орган е директно одговорен за постапување по претставки за оневозможен пристап до броилата.
„Граѓаните треба да бидат свесни за своето право на увид и проверка на сопствената потрошувачка и да се охрабрат да го пријавуваат секое прекршување. Неовозможувањето на пристап до мерниот уред не е техничко прашање, туку директна повреда на законска обврска и причина за санкција. Броилата иако се сопственост на ЕВН, тие истовремено се дел од јавна услуга, а пристапот до нив е неопходен елемент на транспарентност, контрола и заштита на потрошувачот“, велат од здружението на инжинерите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Српските медиуми објавија дека Даниел Кајмакоски бил киднапиран во Белград
Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски бил киднапиран во текот на ноќта во близина на „Бетон хала“ во Белград, објави српскиот портал Блиц и уште десетици меидуми од таа земја.
Според информациите на медиумите, непознати сторители, по кои сè уште се трага, присилно го внеле пејачот во автомобил, барајќи откуп во износ од 20.000 евра.
Пејачот бил одведен до градот Рума, каде што, според пишувањето на Блиц, при обид полицијата да го запре возилото, киднаперите удриле во заштитна ограда покрај патот, излегле од автомобилот и побегнале.
Даниел Кајмакоски во Србија е познат како победник на првата сезона од регионалното музичко натпреварување „Икс фактор“. Во 2015 година ја претставуваше Македонија на изборот за Песна на Евровизија во Виена со песната „Лисја есенски“, но не успеа да се пласира во финалето.
Засега нема официјални информации од надлежните власти за случајот.
Македонија
Заев се закани со тужба, тврди дека не е поврзан со конфискацијата на канабисот и облакодерите во Дубаи: „Шират лаги и клевети“
Поранешниот премиер Зоран Заев преку статус на Фејсбук порача дека по пет години молк, сега е подготвен да одговори со тужба против пратеникот Бране Петрушевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, доколку не се извинат за, како што вели, континуираните лаги, навреди и клевети изнесени на негова сметка.
„Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден, ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, портпаролите и медиумите блиски до нив не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди“, напиша Заев.
Тој најостро ги отфрли тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има каква било поврзаност со неодамнешниот случај за конфискација на медицински канабис, за кој се тврди дека бил неправилно складиран.
„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.“, нагласи Заев, додавајќи дека јавно бара извинување од пратеникот Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ.
Во статусот, експремиерот се осврна и на други, како што ги нарече, измислици што партијата ги повторува – дека гради облакодери во Дубаи, дека вршел притисоци околу болницата на Жан Митрев и дека се меша во правосудството.
„Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам. Се борев за слобода на говор. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието. Но сега е доста!“, порача Заев.
Тој најави дека доколку не добие извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесе тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.

