Македонија
Иницијатива за конгрес: Мицкоски нема автентична политика и често ги менува ставовите
Се уште актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е конфузен и постојано зборува различни работи во зависност од ситуацијата и соговорникот, велат од Иницијативата за конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
Во допис до медиумите, оттука наведуваат дека Мицкоски нема автентична политика и често ги менува ставовите се одразува на неговиот личен рејтинг, а што е уште поважно ја влече партијата надолу.
„На 10 Јули, пет дена пред изборите кога мислеше дека има некаква поддршка за да победи и да формира влада, го призна сменетото име на институциите.
‘Ние би биле лицемери ако ја игнорираме реалноста. Како и секогаш, велам дека не можеме да ја игнорираме реалноста, бидејќи учествуваме на избори и сме дел од влада на која стои новата придавка. Имаме учесник во таа Влада со новата придавка и зема плата. Би бил лицемерен, ако кажам дека тоа не е така. Ќе излезеам несериозен ако речам дека ова е фикција, а ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија’, изјави тогаш Мицкоски во интервју на Телма.
Сега, седум месеци подоцна Мицкоски се обидува да ја игнорира реалноста која што ја признаваше и да испраќа писма до Собранието не прифаќајќи го променетото име.
‘Владиното мнозинство не ја прими граѓанската иницијатива за одложување на пописот кој е очигледен фалсификат. Изговорот е дека не постоела институцијата Собрание на Република Македонија. Кој се плаши и бега од сопствениот народ срамно завршувa’, напиша Мицкоски пред неколу дена на неговиот фејсбук профил.
Дали Мицкоски лажел во јули кога се надевал на поддршка од меѓународната заедница велејќи дека ја признава новата реалност или лаже сега кога не ги признава новите официјални имиња на институциите?
ВМРО-ДПМНЕ и делегатите кои го избраа заслужуваат Мицкоски да им објасни кога лажел. Дали станува збор за тенденциозна манипулација или станува збор за политички дилетантизам кој го препознава јавноста.
ВМРО-ДПМНЕ не смее повеќе да биде заложник на манипулациите на Мицкоски.
Неопходно е сплотување на партиските структури преку вонреден конгрес и искрена дискусија за причините за сите порази со кои се соочивме овие три години.
Иницијативата ги повикува сите делегати кои гласаа за Мицкоски да дојдат на 28 Март на Вонредниот 17-ти Конгрес во Скопје и да дискутираат за иднината на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ веќе не смее да си го дозволи луксузот и да загуби нови изборни циклуси, оставајќи ги проблемите и нерасчистените прашања под тепих“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

