Македонија
Иницијатива за конгрес: СДСМ денеска слави во Штип, а членовите на ВМРО-ДПМНЕ се понижени
Политиките на сè уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски носат само порази и ја уништуваат ВМРО-ДПМНЕ, велат од Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ.
Оттука преку соопштение нагласуваат дека додека СДСМ денеска слави во Штип, членовите на ВМРО-ДПМНЕ се понижени и потиштени бидејќи првиот човек на партијата, Христијан Мицкоски, не им дозволи да се борат на изборите.
„Во ситуација на здравствено-економска криза, бугарско вето и бројни скандали, СДСМ успеа да добие 1600 гласови повеќе од гласовите кои ги освои во јули во Штип. Почист и појасен показател дека граѓаните не гледаат алтернатива во Мицкоски, нема. Тоа се виде и на слабо посетените протести, кои беа организирани секаде, освен во Штип. Членовите на партијата и неутралните граѓани го отфрлаат лицемерието на Мицкоски и политиката на бегање. Неодлучноста на Мицкоски го ситни ВМРО-ДПМНЕ. На референдумот не застана ни против, ниту, пак, повика на бојкот. Избега од соочување и на овие избори. Мицкоски вака ги загуби и Охрид и Ново Село. Мицкоски вака ги загуби и претседателските и парламентарните избори. Или Мицкоски или ВМРО-ДПМНЕ!“, порачаа од Иницијативата за конгрес.
Понатаму, наведуваат дека е време за оставки и одговорност, бидејќи Мицкоски нема капацитет да ја води партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

