Македонија
„Иницијативата за северни шуми“ – приказна за прекуграничен успех во обновување на шумите
„Иницијативата за северни шуми“ го одбележа својот успешен завршок со регионален настан посветен на обновувањето на шумите во Албанија и Северна Македонија. Овој значаен собир ги прослави постигнувањата на проектот во намалување на деградацијата на шумите и зајакнување на одржливото управување со шумите во Западен Балкан.
Настанот собра над 40 засегнати страни – меѓу кои владини претставници, локални власти, партнери во спроведувањето и експерти за заштита на природата – и ја истакна клучната улога на обновувањето за природата и заедниците. Дискусиите нагласија како решенијата засновани на природата придонесуваат за зачувување на биодиверзитетот, зголемување на климатската отпорност и поддршка на локалното население.
Проектот „Иницијатива за северни шуми – Обнова на шумите во Албанија и Северна Македонија“, почнат во 2023 година, се фокусира на намалување на загубата на шуми преку обновување приоритетни предели, градење институционален капацитет и промовирање одржливо управување со шумите во двете земји. Проектот беше спроведен од регионалната канцеларија на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN-ECARO) во партнерство со организациите ППНЕА (Заштита и зачувување на природната средина во Албанија) и МЕД (Македонското еколошко друштво), а поддржан од Фондацијата на Шведската поштенска лотарија. Иницијативата постави пример за прекугранична соработка во обновување на шумските предели.
„Се гордееме што ги поддржавме овие напори за обновување како дел од нашата глобална ‘Иницијатива за северните шуми’, која покажа дека локално водените активности за обновување може да донесат трајни придобивки за природата и заедниците. Резултатите постигнати во Албанија и Северна Македонија го одразуваат потенцијалот на соработката и моќта на решенијата засновани на природата, во справување со загубата на биодиверзитет и климатските предизвици. Со нетрпение го очекуваме напредокот на IUCN во унапредување на еколошкото обновување и зајакнување на отпорноста на заедниците на Западен Балкан“, изјави Андреас Ериксон, генерален секретар на Фондацијата на Шведската поштенска лотарија.
Активностите за обновување беа насочени кон два клучни биодиверзитетни предела: Буковиќ во Северна Македонија и Паштрик-Морина во Албанија. Овие области се клучни за зачувување на критично загрозениот балкански рис (според Црвената листа на загрозени видови на IUCN) и претставуваат витални еколошки коридори, кои овозможуваат движење на видовите и одржување на поврзаноста на екосистемите. Преку насочени интервенции за обновување на шумските предели проектот ги подобри условите на живеалиштата, ја зајакна отпорноста на шумите и придонесе кон ублажување на климатските промени.
„Иницијативата за северните шуми“ ги покажа моќта на регионалната соработка и решенијата засновани на природата во обновување на шумските предели и зајакнување на климатската отпорност. Искрено сме благодарни на Фондацијата на Шведската поштенска лотарија за нивната непроценлива поддршка и партнерство во текот на целиот процес. Иако оваа фаза завршува, остануваме посветени на напредокот во обновување на шумите и одржливо управување со земјиштето во Западен Балкан градејќи врз темелите што ги постави оваа иницијатива“, истакна Оливер Аврамоски, регионален директор на IUCN ECARO.
Меѓу клучните постигнувања на „Иницијативата за северните шуми“ се обновувањето на 40 хектари деградирани предели во Албанија и Северна Македонија преку комбинација на мерки, како пошумување, проредување на шумите, подобрување на пасиштата и контрола на ерозијата. Овие активности не само што го подобрија квалитетот на живеалиштата туку ја зајакнаа и прекуграничната соработка во заштитата на шумите. Проектот ги унапреди локалните капацитети преку обуки за одржливо управување со шумите за заедниците и властите, а стратешката примена на решенија засновани на природата придонесе за зголемување на биодиверзитетот, апсорпција на јаглерод и подобрување на климатската отпорност.
„Обновувањето и одржувањето на еколошката поврзаност е суштинско не само за опстанокот на видови како балканскиот рис туку и за зајакнување на отпорноста на нашите предели и заедници. Остануваме посветени на заштитата на овие коридори на живот, каде што биодиверзитетот и човечкото благосостојба одат рака под рака“, изјави Александер Трајче, извршен директор на ППНЕА.
Примената на мозаичен пристап, кој интегрира повеќе техники за обновување, ги засили еколошките и социјалните придобивки поставувајќи основа за долготрајни и стабилни живеалишта.
„И покрај предизвиците со институционалниот капацитет, проектот постави силен пример за решенија засновани на природата и нуди модел што може да се повтори за обновување на шумите и соработка во заштита на големите ѕверови во регионот на Западен Балкан“, изјави Робертина Брајаноска, извршна директорка на МЕД.
Она што ги прави овие интервенции посебни е нивната интегрирана и координирана примена создавајќи ефект што ги засилува придобивките за зачувување и обезбедува конкретни резултати за локалните заедници. Овој холистички пристап гарантира дека напорите за обновување одат подалеку од изолирани акции создавајќи отпорни екосистеми, кои носат позитивни резултати за сите нивни корисници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема скандал, ниту криминал, а во тоа да не се вмешани Заев и Филипче
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека постои поврзаност меѓу Венко Филипче и сопственикот на компанијата „ЦБД Медплант“, Тони Котев, во врска со случајот со запленета дрога.
Од партијата велат дека во јавноста се појавиле фотографии на кои двајцата се заедно, што, според нив, ги демантира изјавите на Филипче дека не ги познава лицата поврзани со фирмата.
„Откако со денови СДСМ се обидува да ја релативизира аферата со запленетата дрога, вистината излезе на виделина. Филипче тврдеше дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата, но фотографиите покажуваат поинаку“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, како што велат, владејачката партија реагира на случајот со запленети над 30 тони дрога и дали постои поврзаност со поранешни функционери.
Од партијата повикуваат Јавното обвинителство да ја испита можната поврзаност на Филипче со случајот.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка
Најстудено утрово е во Берово -4 степени, на Попова Шапка се измерени -2, додека во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица, Mаврови Анови се измерени 0 Целзиусови степени. Над нулата е во Тетово, Прилеп, Штип, Kрушево каде се измерени еден степен, Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Виница по два, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Кавадарци по 3 и Гевгелија пет Целзиусови степени, информира УХМР.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде висината на снежната покрива изнесува 62 сантиметри.
За изминатите 24 часа до 07 часот во најмногу врнежи имало во Охрид и Претор каде се измерени 2 l/m2.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните делови (локално над 25 l/m²). Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.

