Македонија
Инспекторатот на Општина Карпош проверил 50 градби и изрекол 26 казни
Во текот на изминатата недела, од страна на градежен и комунален инспектор, како и со активно присуство на комуналните редари, биле спроведени над 50 контроли на терен, информираат од Општина Карпош.
Како резултат на овие контроли, изречени биле вкупно 26 казни и 17 опомени, со целосна примена на законските надлежности и прописи.
Градежниот инспектор, согласно својата надлежност, како што појаснуваат од општината, изрекол четири казни во висина од 500 до 3.000 евра, на правни и одговорни лица.
Комуналниот инспектор изрекол пет казни по 300 евра за одговорни лица, како и пет казни по 1.500 евра за правни лица.
„Воедно, беа изречени и пет опомени, при што недостатоците беа коригирани веднаш на лице место.
Дополнително, казни беа изречени и за повеќе правни субјекти, како резултат на утврдени прекршувања. Истовремено, кај дел од градежните компании беше постапено по издадени опомени, со целосно почитување на наложените мерки.
Комуналните редари во истиот период изрекоа 12 казни во висина од 40 евра, како и 12 опомени. Доколку во наредниот период не се извршат потребните корекции кај овие градби, во постапката ќе се вклучи и комуналниот инспектор, чии казни, согласно законот, се со значително повисоки износи“, нагласуваат од оваа општина.
Општина Карпош апелира до сите инвеститори и градежни компании кои работат на територија на општината, да ги почитуваат законските прописи, како и да водат сметка за околината, особено при работа во зони со индивидуално домување.
Потенцираат дека нема компромис со незаконското градење.
„Општина Карпош продолжува со засилен инспекциски надзор врз сите градилишта на своја територија, со цел да се обезбеди законска, безбедна и одговорна урбана изградба“, се нагласува во информацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

