Македонија
Инспекции ја тресат болницата во Битола по смртта на петгодишното девојче, на семејството не му се јавил никој од здравствените власти
Вонредниот надзор, кој треба да утврди како починало петгодишното девојче од Битола, е во тек, а досега здравствените институции не му се јавиле на семејството, кое излезе во повеќе медиуми со свои тврдења за тоа што се случило при лекувањето на Јана. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека ќе се утврди фактичката состојба, па ќе се дадат сите информации.
„Да, имам информации. Разговаравме и вчера и денеска. Почнат е вонреден надзор. Информирано е Јавното обвинителство. Кога институциите ќе ги имаат сите детали, тие ќе бидат споделени со јавноста. Врз основа на факти треба да се утврди објективната состојба и врз основа на тие факти да се направат соодветни санкции онаму каде што ќе биде потребно“, рече Ковачевски.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, рече дека го чекаат исходот од надзорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Тој очекува до крајот на денот да имаат и конкретни информации.
„Штом слушнавме, веднаш постапивме. Инспекциските служби се таму, чекаме информации. Со семејството немавме контакт. Чекаме исход од ДСЗИ и веднаш ќе бидете известени за целото постапување“, изјави министерот Фатмир Меџити.
Петгодишната Јана почина завчера (среда) во Клиничката болница во Битола. Директорот Александар Обедниковски рече дека таа била донесена дехидрирана со покачена температура, повраќање и со оток на очите.
Сведоштво за последните моменти на Јана имаше и татко ѝ за „Макфакс“.
Тој и неговата сопруга убедени се дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузија, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се искомплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Започна инсталирање на смарт јавно осветлување близу училишта, градинки, паркови и шеталишта
Денеска започна инсталирањето на Тип 2 светилките кои се дел од паметното осветлување на јавни површини во Општина Центар. Тип 2 светилките ќе бидат инсталирани на споредни улици низ целата општина односно близу основни училишта, градинки, паркови, шеталишта итн. Од овој тип светилки ќе бидат инсталирани вкупно 2.637 парчиња. Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека Општина Центар е носител на иновациите кои носат бројни бенефити на граѓаните.
„Денеска започна инсталацијата на Тип 2 светилките кои ќе бидат инсталирани близу предучилишните и училишните институции како и паркови, шеталишта и споредни улици во општината. Ова лед осветлување со технологија за автоматско димирање односно само ја зголемува и намалува светлината следејќи го заоѓањето на сонцето носи дополнителни заштеди за општината без зголемување на ризикот за безбедноста на сообраќајот и сигурноста на граѓаните“, вели Герасимовски.
Процесот за менување на јавното осветлување со нови старт светилки Општина Центар го започна пред две недели со поставување на лед светилките од Тип 1 кои се инсталираат на најфреквентните улици во општината. Поставувањето се одвива етапно според урбани заедници поставувајќи ги паралелно различните типови сијалици кои ги има вкупно четири. Општина Центар преку реализација на овој проект ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на постојниот систем.
Македонија
Бојмацалиев: Полициските одделенија Арачиново, Матејче и Шуто Оризари подготвени за изборите на 8 мај
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, остварија работни средби со раководствата на Полициските одделенија Матејче, Арачиново, и Шуто Оризари, во пресрет на парламентарните и вториот круг од претседателските избори 2024 година, а со цел гарантирање на фер, слободни и демократски избори, како и согледување на постигнатите резултати во првото тримесечје од 2024 година. Притоа, делегацијата од МБР беше информирана за редовно функционирање на локалните штабови во рамки на Оперативниот Штаб на МВР.
Во однос на резултатите на овие организациски единици, безбедносната состојба е стабилна и поволна, а за одбележување се расветлените кривични дела кражба на електрична енергија.
Во Полициското одделение Матејче имаме вкупно 20 кривични дела, од кои 17 се за кражба на електрична енергија, додека во Полициското одделение Арачиново регистрирани се 21 кривично дело кражба на електрична енергија.
Во однос на Полициско Одделение Шуто Оризари, за одбележување се 13 пријавени настани за нарушување на јавен ред и мир, од кои сите се расчистени со поднесени прекршочни пријави. Воедно, имаме 35 кривични дела по службена должност, од кои 6 се расчистени од ЕВР Чаир.
Бојмацалиев на средбите уште еднаш ја потврди заложбата за организирање на европски избори и на колегите им ја потенцираше важноста од работење исклучиво по закон, а со цел гарантирање на безбедноста на изборните процеси.
Македонија
Демократски сојуз: Македонија е заглавена во политичко мочуриште, неопходни се темелни реформи и кадровска обнова
Македонија е заглавена во политичко мочуриште, неопходни се темелни реформи и кадровска обнова доколку сакаме да се придвижат напред сите процеси. На овие избори се одлучува за тоа дали ќе се вградат во системот вредности кои независно од власта ќе гарантираат изградба на пристојна и модерна европска држава, држава на слободни и креативни граѓани, горди на самите себе и на државата на која и припаѓаат и ја градат, велат од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.
Од тука упатија порака до граѓаните да излезат и да гласаат.
Демократскиот сојуз предлага:
„Прво, темелни уставни реформи (нов Устав), со кои ќе се етаблира функционална, современа и демократска држава, ќе се зајакне унитарниот карактер на државата, целосна департизација и деполитизација на виталните државни институции, ќе се ослободиме од решенија (Бадентер, Балансер итн.) кои го блокираат демократскиот развој и јакнење на одговорноста на секој граѓанин.
Во оваа насока ќе се направат и коренити промени на изборните правила (Македонија да биде една изборна единица), со цел да се обезбеди демократизација на државата и јакнење на одговорноста на носителите на јавни функции. Преку измената на Уставот и законите за политичко организирање и дејствување, ќе се демократизираат партиите и другите облици на здружување на граѓаните.
Второ, коренити реформи на правосудниот систем, рекомпонирање на Судскиот совет преку начинот на избор на судии и обвинители, ревизија на нивната работа, ограничување на мандатот на 5 или 7 години, со право на реизбор, уставни измени поврзани со кривична одговорност за одлуките што ги носат судиите и независен буџет.
Идентични реформи ќе има и во јавното обвинителство, а предлагаме и донесување Закон за Уставниот суд, транспарентен начин на избор на судии во уставниот суд итн.
Трето, системски промени во поставеноста на борбата против тешките облици на криминал, нивна рационализација и формирање на високопрофесионална Агенција за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, реформи во поставеноста на службите за безбедност (разузнавање и контраразузнавање) и нивна целосна деполитизација, безбедносни проверки и ветинг за сите вработени, кадровско прочистување и обезбедување плати во висина на платите на обвинители, судии итн.
Четврто, реформи во јавната администрација, преполовување на бројот на министерства, агенции, регулаторни тела, укинување на заменици министри, заменици директори на јавни претпријатија, целосна дигитализација на администрацијата, проверка на стручноста на вработените во јавната администрација, професионализација и обезбедување плати согласно сложеноста на задачите кои ги извршуваат итн. Предлагаме намалување на бројот на пратеници на 90.
Петто, посебна програма за младите, услови за да отвораат бизнис, да создаваат семејства (поволни услови за купување стан, изградба на куќа и сл.), најмалку 30% од кандидатите за советници, пратеници и други функционерски и раководни места да бидат предвидени за младите до 30-годишна возраст.
Шесто, слободна пазарна економија, Македонија да биде информатичка сила, целосна дигитализација, развивање на заштита од сајбер напади, примена на вештачката интелигенција, гасификација, исфрлање на енергенси кои загадуваат, замена на возниот парк со електрични возила итн.
Седмо, бесплатно образование (згрижување на децата во детски градинки, предучилишно образование, основно, средно и високо образование, магистериум и докторат), заострување на критериумите и контрола на приватниот образовниот процес, бесплатна здравствена заштита и дисперзија на терцијарната здравствена заштита, како и создавање услови за модернизација и повисоки плати.
Осмо, слобода на медиумите и едукација за препознавање лажни вести, формирање фонд за поддршка на медиумите, на младите таленти во уметноста, спортисти итн. Само со масовно гласање можеме да тргнеме напред“.