Македонија
Интегра контра ВМРО-ДПМНЕ: Никакви раководни структури не преминуваат во опозициската партија
Политичката партија Интегра ја демантира најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека раководни структури од Интегра преминуваат во нивните редови.
„Никакви раководни структури не преминуваат во ДПМНЕ, тоа е болна желба во умовите на удбашките структури кај нив. По изборите е спроведена идеолошка диференцијација во тимовите, минатиот месец со едногласна одлука на Претседателството разрешен е Воислав Зафировски од сите раководни позиции во партијата поради преминат праг на морална грешка, а во меѓусебен договор двајца носители на листа си поднесоа оставка. Сите други им беше оставено време и демократска можност да одлучат дали ќе продолжат на патот на самостоен настап на ИНТЕГРА во периодот пред нас или ќе се повлечат од понатамошни активности во партијата. ИНТЕГРА беше под специјална војна на одметнати удбашки структури за време на изборите, а која не застана и потоа. Беа спроведени три операции ‘Понтиј Пилат’, ‘Понтонски мост’ и Ашовиот експеримент, а со цел да се стави под контрола лидерот Љупчо Ристовски и партијата да премине и продолжи приклонета, да одработува за ‘туѓи бели дворови’“, велат од партијата.
Како што додаваат, ВМРО-ДПМНЕ во својата немоќ да се поврати од пропаста, прибегнува кон подли методи на клиентелистички поткуп, уцени и закани кон лидерството на ИНТЕГРА, свесни дека како партија и идеологија го губат тлото под нозете и дека ИНТЕГРА го презема приматот во опозицијата врз македонските национални интереси.
„Лидерството на ИНТЕГРА е монолитно, единствено, сплотено и поревносно од било кога во намерите да го задржи независниот стратегиски правец на политичката сцена и да ја продожи борбата против црно-белата погубна политичка карта во Македонија“, наведуваат од партијата.
Претходно денеска ВМРО-ДПМНЕ преку допис до медиумите најави дека раководни структури на Интегра ќе преминат во нивните редови, а за таа цел, како што истакнаа од партијата, Христијан Мицкоски ќе дава изјава за медиумите во 12.30 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.
Македонија
Филипче: Мора да има контрола на податоците од „Сејф сити“
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање потенцираше дека СДСМ не е против системот „Сејф сити“ од аспект на безбедноста, туку во сегашното решение постојат други сериозни и суштински прашања кои мора да се прецизираат .
„Еден таков закон кој се однесува на проектот „Сејф сити“ во којшто се регулира еден дел од сообраќајот, со којшто се намалува ризикот од несреќи, сообраќајќи , апсолутно во тој дел го поддржуваме. Меѓутоа, има важни работи за коишто треба да се зборува“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче укажа дека треба да се има предвид економската состојба и стандардот на граѓаните, но и начинот на кој ќе се располага со податоците од граѓаните.
„Во сегашниот контекст, тоа е економската состојба во државата, стандардот на граѓаните, мора да се зборува за висината на казните. И второ, исто важна работа, што и кој ги контролира огромната количина на податоци коишто системот ‘Safe City’ ги собира“, рече Филипче.
Притоа, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ има историја во злоупотреба на податоци и службите за безбедност и затоа е важно да има дискусија во Собранието за овие прашања.
„Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни, партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“, посочи Филипче.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.

