Македонија
(Интервју) Вангелов: Решение е можно ако Бугарите немаат разорно токсични изјави

Членот на мешовитата Комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, Огнен Вангелов, во интервју за „Макфакс“ вели дека веќе подолго време има застој во работата на Комисијата. Застојот, како што појаснува, следува по одлуката на Бугарија да стави вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и тоа, како што образложи, се одразило и директно во работата на Комисијата.
„Се разликуваме во сфаќањето за тоа што значи поимот заедничка историја и тука не се согласуваме и веројатно нема да се согласиме ниту во иднина. Тоа е основата на застојот во Комисијата“, нагласи Вангелов.
Оценува дека може да се постигне секакво решение меѓу двете држави, но во порелаксирана атмосфера.
„Кога се вжештува атмосферата, а најчесто се вжештува од таа страна, не најчесто, туку исклучиво сите политички изјави што содржат елементи на омраза, на провокации, доаѓаат исклучиво од бугарска страна, зборуваме институционално. А тие велат дека овде има говор на омраза и дека Македонија мора да го спречи говорот на омраза кон Бугарија“, вели Вангелов.
Додава дека не е толку тешко да се дојде до решение за проблемите што се дискутираат на маса, проблем е како што додава, политизирањето на тие решенија.
„Радев континуирано дава изјави, кои не само што се провокативни туку се и навредливи и понекогаш содржат говор на омраза. Тоа е институционализиран говор на омраза, кој доаѓа од Бугарија од највисоки државни претставници. На тоа треба да одговорат соодветните институции, а ние како членови на Комисијата се држиме до тоа што е наша задача и е во рамките на нашите надлежности“, посочува Вангелов.
За тоа дали има потреба од понатамошно постоење и заседавање на Комисијата, за можните идни потези на Бугарската православна црква по потегот на СПЦ, можни решенија за спорните прашања меѓу двете држави – во интервјуто за „Макфакс“ со членот на мешовитата Комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, Огнен Вангелов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.