Македонија
Инцидент во Кичево: родител на ученик кој бил отстранет од матурскиот испит оти криел телефон ги нападнал набљудувачките
Инцидент во Кичево при полагање на вториот предмет од државната матура. Родител на ученик кој бил отстранет од испитот заради поседување на телефон, вербално ги нападнал набљудувачките од МОН и Бирото за развој на образованието.
Во едно училиште влезе родител кој вербално ги нападна набљудувачките кои ги отстраниле двата ученика кои користеле телефони. Побаравме интервенција од полицијата. Побарав да влезе полицијата во објектот, затоа што набљудувачките од МОН и БРО беа исплашени. Родителот е повикан во станица и ќе добие пријава за неовластено присуство во службени простории и пријава за реметење на јавниот ред и мир, кажа денеска директорката на Државниот испитен центар, Билјана Михајловска
Тестовите по англиски и математика од државната матура пак се најдоа по вибер групи.
– Повторно имаше вибер група во која беше споделен тестот по математика во 9: 53 часот и тестот по англиски во 9:45 часот, на истиот начин како и минатиот пат кога беше споделен тестот по македонски јазик, односно празен тест кој ученикот го сликал и бара од другите членови од групите да му помогнат во одговарањето. Овој пат вибер групата англиски имаше три илјади ученици, не знам дали се сите ученици бидејќи и ние бевме дел од таа група. А групата математика околу 300-400 корисници. Не видовме одговори кои би потекнале од кај нас, нешто што е изработено од кај нас, туку на истиот начин, и овој пат беше фотографирано веднаш кога се поделени тестовите, неколку минути пред да почне испитот со таа разлика што овој пат бевме малку поостри во однос на дејствувањето. Сите ученици кои фотографиле и кои успеавме да ги лоцираме со име и презиме во вибер групата и кај кои набљудувачите најдоа телефон, беа отстранети од испитот, изјави Михајловска.
Матурантите кои денеска биле отстранети од испитот ќе имаат можност да полагаат во испитната сесија во август.
– Тие ученици паднале и денеска за нив завршил испитот, меѓутоа ќе паднат и еден куп други ученици ако препишувале затоа што тоа ќе го најдат нашите оценувачи. Не знам колку се точно, затоа што не се отворени сите материјали. Под она што ми беше јавено по телефон, знам дека имаме барем во десеттина градови интервенција и отстранување на повеќе од еден ученик во некои училишта што покажува дека на тие места не си ја завршиле сите работата. Нашите набљудувачи во исто време кога ги отстрануваа ученици, ги отстрануваа и тестаторите, рече директорката.
Оние кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.

