Македонија
ИПА Вело викенд „на точак, Охрид и Струга да видам“
Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Охрид, на 24 јуни организира ИПА ВЕЛО ВИКЕНД „НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ“. Тоа е традиционалната, овој пат седма по ред, рекреативна велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда со која, постојано се реафирмира идејата од 2016 година на тогашниот Општински совет за безбедност во сообраќајот (ОСБСП) за велосипедско поврзување на двата крајезерски града-Охрид и Струга и понатаму кон туристичката населба Радожда како и вело конекција Охрид-Св.Стефан- Пештани, со современо уредена, функционална и безбедна велосипедска патека.
„Сметаме дека, овие проекни иницијативи, имаат непроценливо значење за развој на туризмот и велосипедизмот во двата македонски туристички бисери и огромен бенефит за охриѓани, стружани но и туристите од Македонија и светот. На овој начин, ИПА Охрид прави свој обид за промовирање на Охрид, Струга и на целот крајезерски регионот во целина, како атрактивни туристички и вело дестинации што значително ќе ги издигнат на светската вело туристичка мапа. Со ова, упатуваме порака до двете општини, конечно и сериозно да се заложат, велосипедското поврзување пред се, на Охрид до Струга и кон туристичките населби Пештани и Радожда, да станат реалност.
Централниот вело настан во рамките на ИПА ВЕЛО ВИКЕНД „НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ“, ќе се одржи на 24.06.2024 година (сабота) во 08 часот, ќе се тргнува од градското пристаниште во Охрид и, со надеж за добро време, ќе се вози по крајбрежието на Охридското езеро, по стариот пат Охрид-Струга. Во 08.45 кај „ЕВРО ХОТЕЛ“, е предвидена средба на охридската со струшката вело група а потоа, заеднички ќе се вози низ живописните зелени предели кај Калишта, хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“ до преубавата Радожда. По краткото дефиле тука, предвиден е доручек на брегот на Охридското езеро во ресторантот „Динга“, наш ИПА пријател од каде се пружа неповторлив поглед кон езерските синила и планинската убавица Галичица. Возењето велосипед е љубов, потреба, незаборавна авантура и неповторливо доживување. Во време кога државите градат велосипедски автопати, редно е и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите и да се ставаме во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на небезбедните патишта во регионот, на кои нема ни трага ни глас од вело патеки означени со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација“ се вели во соопштението.
Оттаму ги повикуваат сите членови на ИПА Охрид и ИПА Македонија, членовите на ИПА националните секции од соседните земји, од збратимените ИПА градови, сите вело клубови од Охрид, Струга и Македонија, сите граѓани вљубеници во велосипедскиот туринг, да се придружат на претстојниот ИПА ВЕЛО ВИКЕНД „НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

